СКРМ: Министерот Љутков ја погребува културата

Синдикатот на културата објави остро соопштение пред седницата на Уставниот суд, обвинувајќи го министерот дека наместо зад договорот, застанал против вработените во културата.

Синдикатот на културата на Република Македонија упати тешки обвинувања кон министерот за култура и туризам Зоран Љутков, тврдејќи дека зад затворени врати работел против Колективниот договор за култура, иако во јавноста настапувал како негов бранител.

Во соопштението, СКРМ наведува дека на 131-та седница на Владата биле доставени пресметки за плати, судски одлуки, листи на предмети и други материјали, со, како што тврди синдикатот, цел да се дискредитира Колективниот договор за култура и тој да се прикаже како незаконски и неуставен. Според синдикатот, во расправата биле изнесувани и аргументи за можни буџетски импликации од тековни и идни судски постапки, наместо прашањето да се разгледува низ Уставот и важечките закони.

СКРМ оценува дека ваквиот пристап претставува двојна улога на министерот и обид за избегнување одговорност, наместо заштита на правата на културните работници. Во објавата синдикатот порачува дека Колективниот договор за култура не е само правен акт, туку симбол на еднаквост, почитување на работничките права и достоинствен живот за вработените во културата.

Контекст на оваа реакција е седницата на Уставниот суд закажана за 8 април 2026 година во 9:30 часот. На објавениот дневен ред е и предметот УЗ.бр.51/2025, кој се однесува на Колективниот договор за култура во целина, како и на неколку негови одредби. Во иницијативата, чиј подносител е Томислав Стефков, се тврди дека делови од договорот не се во согласност со Законот за вработените во јавниот сектор.

Овој судски процес доаѓа по претходни јавни ставови на министерот Љутков, кој на крајот на декември изјави дека Колективниот договор е признаен и дека се обезбедени дополнителни средства за исплата на платите во културата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни