Националните програми за скрининг на рак на дојка, грло на матка и колоректален карцином не се реализираат во целост, значителен дел од таргетираната популација останува без превентивни прегледи, а системот за следење на пациентите од покана до лекување и понатаму не постои, објави во својот извештај Државниот завод за ревизија.
Ревизорите утврдле дека иако постојат национални програми за рана детекција на три вида малигни заболувања, нивната имплементација е ограничена и не ги дава очекуваните резултати. Значителен дел од таргетираната популација не е опфатен со превентивните прегледи, со што се намалува можноста за навремено откривање на болеста, се наведува во извештајот.
Нема единствена база: пациентите се губат помеѓу поканата и дијагнозата
Ревизорите констатираат дека не постои интегрирана база на податоци која би овозможила следење на пациентот од моментот на покана за скрининг до поставување дијагноза и третман. Последица од тоа е нецелосна слика за бројот на прегледани лица, бројот на откриени случаи и исходите од лекувањето, наведува ДЗР.
Извештајот укажува на слабости во координацијата меѓу институциите вклучени во скринингот. Иако програмите формално ги опфаќаат Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје и здравствените установи, соработката помеѓу нив не е доволно систематизирана, што резултира со неусогласени активности и намалена ефикасност на програмите.
Кампањите постојат, но не се доволно континуирани за да го зголемат одзивот
Државниот завод за ревизија констатира и слабости во информирањето на граѓаните. Кампањите за подигање на свеста се спроведуваат, но не се доволно континуирани ниту таргетирани, што директно влијае врз нискиот одзив на населението. Скринингот е препознаен меѓународно како една од најефикасните мерки за намалување на смртноста од рак, особено кога болеста се открива во рана фаза.
Парите се планираат, но не секогаш и се трошат навреме
Во финансискиот дел, ревизијата утврди дека средствата за програмите се планираат редовно, но нивната реализација не е секогаш целосна или навремена, со што дополнително се отежнува спроведувањето на активностите на терен.
ДЗР препорачува централен регистар и јасна распределба на надлежности
Државниот завод за ревизија дава конкретни препораки а тоа е пред се воспоставување на Централен регистар за скрининг, подобрување на информациските системи, зголемување на опфатот на населението и појасна распределба на надлежностите меѓу институциите. Препорача и поинтензивна едукација на граѓаните и здравствените работници, како и континуирано следење на резултатите. Заклучокот на ревизорите е дека без системски подобрувања, постојните програми нема да можат значително да ја намалат смртноста од малигни заболувања.
Извор: Радио МОФ / Државен завод за ревизија