Деталите од договорот вклучуваат мнозинско американско сопствеништво и контрола на податоците, а потпишувањето на договорот се очекува во наредните денови. Ова, секако, се однесува само на бизнисот на апликацијата во Америка.
Портпаролката на Белата куќа, Керолин Левит, изјави дека се очекува договорот за TikTok да биде потпишан „во наредните денови“. Изјавата доаѓа откако претседателот Доналд Трамп сподели изјава во петокот што малку ја разјасни моменталната ситуација по разговорите со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Трамп напиша на својот профил на Truth Social дека тој и Си постигнале „напредок“ во „одобрувањето на договорот за TikTok“ и додаде дека „го цени одобрувањето на TikTok“. Тој, исто така, им рече на новинарите во Овалната соба дека „го одобрил договорот за TikTok“, објави Ројтерс.
Сепак, ништо не беше сосема јасно.
Медиумски извештаи од двете страни на светот
Кинеските државни медиуми дадоа поинаква верзија од овој разговор. Според извештајот на „Њујорк тајмс“, Си рекол дека „кинеската влада ги почитува желбите на компанијата за која станува збор и е задоволна што преговорите се во согласност со пазарните правила“. Тој исто така нагласил дека решението мора да биде во согласност со кинеските закони и прописи и да ги земе предвид интересите на двете страни.

Кинеските медиуми нагласуваат дека е сè уште важно сè да биде во согласност со законите и прописите на пазарот, како и дека се почитуваат економските интереси на двете земји. Ова е клучен момент, бидејќи договорот би можел да постави основа за идна соработка или можеби дури и поголеми несогласувања.
ByteDance се појавува со „неутрална“ изјава
Сопственикот на „ТикТок“, ByteDance, не помогна многу во разјаснувањето на ситуацијата. Тие издадоа кратко соопштение во кое им се заблагодаруваат на претседателите Џингпинг и Трамп за нивните напори да го задржат „ТикТок“ во Соединетите Држави. Соопштението не откри многу нови информации, освен што потврди дека „ByteDance“ планира да се придржува до важечките закони за да го одржи „ТикТок“ достапен за американските корисници.
Соопштението на „ByteDance“ се чини дека е обид за балансирање на интересите на САД и Кина. Иако е нагласена посветеноста на законот, остануваат многу неодговорени прашања во врска со идните права и сопственичките структури на компанијата во САД.
Сите детали од очекуваниот договор
За време на гостувањето во Фокс њуз, Левит откри неколку клучни информации. „100% сме сигурни дека договорот е склучен. Сега само треба да се потпише, а тимот на претседателот е во контакт со нивните кинески колеги за да се случи тоа.“

Левит дополнително објасни дека TikTok ќе биде во мнозинска сопственост на Американци. Ќе има седум места во одборот што ја управува апликацијата во САД, од кои шест ќе им припаѓаат на Американци. Исто така, Oracle ќе биде задолжен за контрола на податоците и приватноста, додека алгоритмот ќе биде под американска контрола. Овие детали наводно веќе се договорени и сега е само прашање на официјализирање на договорот.
Завршни фази на преговорите и потенцијална иднина
Оваа недела се појавија извештаи дека преговорите меѓу САД и Кина влегле во завршна фаза. Предложените услови наводно вклучуваат нова апликација за корисниците на TikTok во САД, која ќе ја користи технологијата на алгоритми на ByteDance, но со американска контрола и инвестиции. Исто така, неколку милијарди долари би можеле да бидат исплатени на администрацијата на Трамп како дел од овој договор.
Иако преговорите се во завршна фаза, сè уште ништо не е официјално потврдено. Трамп му одобри на TikTok четврто продолжување на забраната, што значи дека двете страни сè уште имаат рок до декември да постигнат конечен договор. Се чека конечниот потпис, но сè уште има голема неизвесност за тоа што точно ќе се случи.