Скриена невработеност во Европа: Кои земји имаат најголем вишок на работна сила?

Според најновите податоци на Евростат, реалната состојба на европските пазари на труд е далеку полоша од официјалните бројки за невработеност.

Покрај 13,3 милиони официјално невработени лица во ЕУ, уште 13,5 милиони луѓе се сметаат за „скриено невработени“, што го крева вкупниот број на 26,8 милиони лица без соодветна работа во второто тримесечје од 2025 година.

Овој поширок поим, наречен „labour market slack“ или вишок на работна сила, ги опфаќа луѓето што се достапни за работа но не бараат активно, оние кои работат со скратено време и би сакале повеќе часови, како и оние кои бараат работа, но не се веднаш достапни.

Во ЕУ, вкупниот вишок на работна сила во второто тримесечје од 2025 изнесувал 11,7%:

  • 5,8% невработеност,
  • 2,6% луѓе достапни за работа но неактивни во барање,
  • 2,4% делумно вработени со скратено работно време,
  • 0,9% лица што бараат работа но не се веднаш достапни.

Големи разлики меѓу земјите

Податоците покажуваат драматични разлики низ Европа. Најниска стапка има Полска со 5,1%, а највисока Турција со 25,8%. Во првите три земји со најголем вишок на работна сила се и Финска (19,5%) и Шведска (18,8%), како и Шпанија (18,6%).

Стапките се високи и во Босна и Херцеговина (17,1%), Франција (15,4%) и Италија (15%). Најдобри показатели покрај Полска имаат Словенија (5,3%), Малта (5,4%) и Бугарија (5,5%).

Меѓу четирите најголеми економии на ЕУ, само Германија е под просекот со 7,8%. Франција, Италија и Шпанија се во горниот сегмент со стапки од најмалку 15%.

Причини за разликите

Експертите од Меѓународната организација на трудот наведуваат неколку главни причини:

  • долгогодишни високи стапки на невработеност кои демотивираат луѓе да бараат работа,
  • недоволна поддршка од државата, ограничени семејни услуги и социјални норми,
  • недостиг на квалитетни работни места кои одговараат на амбициите на младите,
  • несогласување меѓу образованието и потребите на пазарот на труд.

„Скриената“ невработеност по форми

Најголема група по класичните невработени се оние кои се достапни за работа, но не бараат активно. Оваа стапка се движи од 0,3% во Чешка до 12,3% во Турција – единствената земја каде што оваа група е поголема од официјалната невработеност.

Друг проблем се луѓето што работат со скратено време но сакаат повеќе часови. Највисоки стапки имаат Холандија (5,1%), Финска (4,8%) и Ирска (4,7%).

Во Турција, Швајцарија, Ирска и Холандија, класичната невработеност учествува со само една третина од вкупниот „вишок“, што покажува колку е важно поширокото мерење на недоволната искористеност на работната сила.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни