Изградбата на модерен саемски комплекс во Скопје беше тема на работната средба што денеска се одржа меѓу директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, и претставници на „Скопски саем“.
Како што информираат од СОЗР, на средбата се дискутирале можните локации, инфраструктурните потреби и иновативните решенија кои би овозможиле новиот објект да биде конкурентен на регионалните и меѓународните пазари. Притоа биле разгледани начини за изградба на простор што ќе одговара на современите стандарди за организација на саемски манифестации.
„Враќањето на ‘Скопски саем’ во сопствен објект не само што ќе ја оживее економската активност, туку и ќе го зајакне регионалниот и меѓународниот профил на Македонија како важен трговски и деловен центар“, изјави директорот Томовски, посочувајќи го значењето на оваа иницијатива.
Договорено е институционалната соработка да продолжи и во следниот период, со цел да се разработат сите аспекти и можности за реализација на проектот.