„Делата ја раскажуваат приказната што заедно ја склопивме“, вели кураторката Ана Франговска. Таа ја истакнува идејата зад мултисензорната изложба: „Скопје може да се доживее преку сите сетила – не само визуелно. Вклучивме нови сензори: телото, движењето низ градот, но и имагинацијата – какво Скопје сакаме да имаме? Делата зборуваат за лична и колективна меморија, за минатото и за иднината. Со затворени очи да го сонуваме Скопје какво што сакаме да биде!“

Уметниците ја изразија својата лична врска со градот – често и преку болка, разочараност или сеќавања што полека бледеат.
Славица Јанешлиева раскажува за звукот на машината за куцање – симбол на сеќавање на драга личност: „Тоа не е само апарат, туку личност. Скопје се смени во лоша насока по 2014-та. Многу ретко одам на Плоштадот, затоа што го нарушува моето сеќавање. Но, Максим Горки уште потсетува на старо Скопје. Сакав да поттикнам едно убаво сеќавање кога сите сме се чувствувале згрижено. Скопје не се само зградите – туку и луѓето кои не поврзуваат.“

Дијана Томиќ-Радевска го враќа фокусот на пропуштената шанса: пешачката зона на улицата Максим Горки. „Тоа беше награден проект, кој требаше да го збогати Малиот ринг. Денес улицата е само паркинг. Ја покрив со жолта патека, инспирирана од Кристо, и сакав да останат траги од луѓето кои поминуваат. Планирани беа атриуми, мали фонтани, места за средби – а сега нема ни кафе да се напиеш. Оваа изложба е повик за размислување, за интригирање, за критика – за поубаво Скопје.“

Ѓорѓе Јовановиќ (Џоле) создаде симболична инсталација – „Safe Zone“: „Симболична соба за одмор каде што гледачот влегува, слуша музика, контемплира, и има тетратка каде може да запише чувства и мисли за Скопје. Делото го коментира урбанистичкиот хаос – градот го губи својот лик. Даваме простор за мир и предлози за тоа како би функционирал подобро.“

Во рамки на изложбата учествуваат и: Гоце Наневски, Марија Сотировска, Игор Сековски, Борис Шемов, Роберт Јанкуловски, Моника Мотеска, Гордана Вренцовска, Борче Богоевски, Татјана Ристовска, Ана Вчкова, Светлана Волиќ (Србија) и Лучезар Бојаџиев (Бугарија).





Со мапа во рака, посетителите имаа можност да се движат низ центарот на Скопје и да ги откријат уметничките дела кои како невидливи приказни се врежани во градот. „Скопски урбани приказни“ не е само изложба – туку искуство, предизвик и надеж. Уметноста повикува: да го видиме Скопје со нови очи, но и со затворени – зашто само така можеме да го замислиме и да го создадеме градот каков што го сакаме.