Скопје, град со богата историја и бурна урбанистичка еволуција, денес се наоѓа на крстопат меѓу визијата и реалноста. Од првите урбанистички планови на Димитрије Леко и Јосиф Михаиловиќ, преку модернистичката реконструкција на Кензо Танге по катастрофалниот земјотрес во 1963 година, па сè до денешниот урбан хаос, инфраструктурата на главниот град на Македонија сведочи за амбиции, компромиси и пропуштени можности.
Иако Скопје има потенцијал да биде современа метропола со паметна, зелена и инклузивна инфраструктура, реалноста е поинаква. Скопје е град со фрагментирани сообраќајни решенија, хаотична урбанизација и недостиг на зелени површини. Експертите предупредуваат дека градот страда од недостаток на координација, транспарентност и долгорочна стратегија.

Јавен превоз
Јавниот превоз во Скопје се соочува со сериозни предизвици, иако во последните години беа направени обиди за негово модернизирање и воведување на поеколошки возила. Недоволниот број на функционални автобуси, техничките проблеми и застојот во развојот на масовен брз транспорт значат дека јавниот превоз сè уште не го исполнува својот потенцијал како одржлива алтернатива на приватниот сообраќај.
Нови еколошки автобуси
ЈСП Скопје, како главен носител на јавниот превоз во метрополата, располага со возен парк од околу 312 автобуси, меѓу кои доминираат двокатните Yutong автобуси, нископодните ЛАЗ модели и неколку минибуси и туристички панорамски возила. Иако бројката изгледа солидно, реалната состојба на автобусите е далеку од задоволителна. Голем дел од возилата се во лоша техничка состојба, со чести дефекти, недостиг на резервни делови и нерегуларно одржување. Ова директно влијае врз квалитетот на услугата, особено на периферните линии и во населби како Шуто Оризари, каде граѓаните со месеци остануваат без јавен превоз.
Во обид да се модернизира системот и да се намали загадувањето, Град Скопје во 2024 година доби шест нови еколошки автобуси на компримиран природен гас (CNG), донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“. Овие автобуси се со EURO 6 стандарди, имаат ниска емисија на штетни гасови и се опремени со простор за лица со попреченост. Тие претставуваат важен чекор кон транзиција кон одржлив урбан транспорт, но нивниот број е симболичен во однос на потребите на градот.
Планирана е набавка на дополнителни 250 еколошки автобуси но проектот е во застој затоа што Советот на Град Скопје сè уште нема дадено зелено светло за реализација. Во меѓувреме, ЈСП се соочува со финансиски проблеми, вклучително и недостиг на гориво.
Граѓаните сè почесто реагираат на непочитување на возниот ред, лоша состојба на автобусите и недоволна покриеност на линиите. Апликацијата „ЈСП – Во движење“ помага во следење на автобусите во реално време, но не може да го надомести системскиот недостаток на функционални возила и транспарентно управување.
За Скопје да стане модерен, зелен и достапен град, потребна е целосна реформа на јавниот превоз: набавка на нови еко-возила, дигитална инфраструктура, паметни станици и транспарентно управување со ресурсите. Само така ќе се врати довербата на граѓаните и ќе се создаде урбана мобилност по мерка на човекот.

Трамвајски систем или брз автобуски коридор (BRT)
Идејата за воведување на масовен, брз и ефикасен јавен превоз во Скопје, преку трамвајски систем или брз автобуски коридор (BRT), се провлекува со децении, но се уште не е реализирана. Во последните години, ова прашање доби нов замав во времето на мандатот на градоначалникот Петре Шилегов (2021–2023), кој ја имаше визијата да модернизира и еколошки да го трансформира јавниот превоз.
Шилегов јавно промовираше проект за воведување на BRT систем како реална алтернатива на скап и долгогодишен трамвајски систем. Планот предвидуваше специјални автобуски ленти на клучните коридори во градот, со нови електрични и хибридни автобуси, модерна инфраструктура и системи за интегрирано плаќање. Проектот беше дел од поширока стратегија за намалување на сообраќајниот метеж и загадувањето, и за подобрување на квалитетот на живот во Скопје. За поддршка на проектот, Градот Скопје и Министерството за транспорт почнаа преговори со Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Во 2022 година, ЕБОР одвои околу 30 милиони евра наменети за делумна финансиска поддршка на инфраструктурни проекти за јавен превоз во Скопје, вклучително и за подготовка и воведување на BRT системот. Овие средства требаше да бидат дел од поголем пакет инвестиции кој вклучуваше и национални средства и евентуално европски фондови.
Проектот го запре новата градоначалничка Данела Арсовска, која дојде на функцијата во 2023 година. Во нејзиниот мандат, фокусот се смени и таа ги критикуваше високите трошоци и комплексноста на BRT проектот. Арсовска истакна дека проектот не бил доволно транспарентен, а според неа, приоритет треба да биде подобрување на постојниот јавен превоз со набавка на повеќе автобуси и подобра организација. Дополнително, поради промената на приоритети и политичката волја, финансиската поддршка од ЕБОР беше повлечена или ставена на пауза.
Со повлекувањето на средствата од ЕБОР и запирањето на проектот, Скопје остана без конкретен план за брз и масовен јавен превоз кој би го решавал основниот проблем на метрополата — сообраќајниот метеж и загадувањето. Јавниот превоз останува нефункционален, со недостиг на нови возила и лоша организација.




Домување и урбанизам
Скопје, како главен град, веќе со години се соочува со длабоки проблеми во урбанистичкото планирање, особено во делот на планирањето на станбени објекти и меѓуопштинската координација. Системот за носење и примена на деталните урбанистички планови (ДУП-ови) е децентрализиран – секоја општина самостојно ги изработува и усвојува сопствените планови. Иако ваквиот пристап овозможува локално управување, во пракса резултира со сериозен недостаток на координација, планирање по мерка на приватни инвеститори, и недоволно внимание кон јавниот интерес.
Дополнителен проблем е што од 2022 година Скопје е без нов Генерален урбанистички план (ГУП) – највисокиот плански документ кој ги поставува основите за развојот на градот. Новиот ГУП е во подготовка, но сè уште не е донесен, што значи дека многу ДУП-ови се носат врз основа на застарени податоци и без јасна долгорочна визија. Во отсуство на активен ГУП и без координација меѓу општините, се дозволува ад хок урбанизам – носење планови по желба на инвеститори, без јавна расправа, транспарентност или вистинска анализа на влијанијата.
Ова доведува до загуба на квалитетен јавен простор, загадување, сообраќајни проблеми и општа деградација на животната средина. Граѓаните често се спротивставуваат на нови урбанистички решенија, но јавниот глас ретко се зема предвид. На терен, Скопје се претвора во се позатрупан, бетонски град, без здив, со сè помалку простор за живеење, а сè повеќе за профит.
На Скопје му недостасува стратешко, усогласено и транспарентно урбанистичко планирање. Потребна е поголема меѓуопштинска координација, итно донесување на нов ГУП, и враќање на урбанизмот како алатка за јавен интерес, а не за приватна корист. Без вакви системски промени, градот ризикува да го изгуби својот просторен и општествен потенцијал.
Велосипедски патеки
Скопје располага со приближно 115 до 130 километри велосипедски патеки, вклучувајќи различни типови инфраструктура – велосипедски ленти и рекреативни патеки, како оние на Водно. Иако ова е значително зголемување во однос на претходните години, споредено со слични европски градови, оваа мрежа е сè уште недоволна. На пример, Хелсинки, кој има слична големина, располага со над 1.200 километри велосипедска инфраструктура.

Велосипедската мрежа во Скопје не е рамномерно распоредена – некои населби како Шуто Оризари, Бутел, Сарај и Драчево сè уште се недоволно поврзани со централната велосипедска мрежа. Дополнително, постојат голем број на физички пречки – како контејнери, паркирани автомобили, недоволно широка патека и слаба сигнализација – кои ја прават употребата на велосипед небезбедна и непрактична за дел од граѓаните.
Според проценката на АМСМ (CycleRAP), над половина од велосипедските траси во Скопје се оценети како со висок или екстремен ризик. Само околу 17% од патеките се сметаат за безбедни. Главните проблеми вклучуваат велосипедски ленти блиску до автомобилскиот сообраќај, непредвидливи транзиции, чести пресекувања со автобуски станици и пешачки премини, како и недостаток на физичка одвоеност меѓу велосипедистите и останатите учесници во сообраќајот.

Корисниците честопати се жалат на недостаток на сообраќајна култура и слаба контрола од страна на институциите. Возачите на автомобили и тротинети често не внимаваат на велосипедистите, а дел од патеките се узурпирани или нефункционални. Иако има иницијативи од здруженија како „На Точак“, кои ја подигнуваат свеста и ги притискаат институциите за подобрување на состојбата, сепак потребни се системски и долгорочни решенија.
Заклучно, велосипедската инфраструктура во Скопје е подобрена, но не е доволна ни според должина, ни според безбедност. Потребни се дополнителни инвестиции, подобро планирање, поголема контрола, како и развој на велосипедска култура за да стане велосипедот вистинска, секојдневна и безбедна алтернатива за транспорт во градот.
Зелени површини
Скопје се соочува со сериозен недостаток од зелени површини, особено во централната урбана зона каде што најмногу се чувствуваат последиците од прекумерната урбанизација. И покрај постоењето на неколку значајни паркови како Градскиот парк, Жена Борец и Чаир, вкупниот просек на зелени површини по жител останува далеку под европските стандарди. Според достапните податоци, Скопје располага со околу 12 м² зелена површина по жител, додека препорачаното минимум е 25 м². Тоа значи дека жителите на градот имаат двојно помалку простор за одмор, рекреација и заштита од урбаното загадување отколку што би требало.

Особено загрижувачка е состојбата во централните делови на градот, каде што зелените површини континуирано се намалуваат поради нови градежни зафати. Во изминатите години, повеќе јавни и полужавни простори кои претходно биле зелени површини се бетонирани или заменети со згради, трговски објекти и паркинзи. Тоа го нарушува еколошкиот баланс и ја намалува отпорноста на градот на климатски екстреми, а истовремено го влошува квалитетот на живот на граѓаните.
Иако градските власти воведуваат нови проекти за озеленување – како зелени коридори, урбани градини и зелени покриви – тие не успеваат да го компензираат загубеното зеленило, особено во најгусто населените и најурбанизирани зони. Реалноста е дека урбанистичкото планирање сè уште ја става приоритетно економската експлоатација на просторот, додека јавниот интерес за здрава и одржлива урбана средина останува во втор план.
Недостигот од достапни зелени површини во центарот на Скопје не е само просторен, туку и социјален проблем – бидејќи токму таму живее и работи голем дел од населението. Решението не е само во садење нови дрвја на периферијата, туку во системска заштита и враќање на зеленилото во срцето на градот. Без тоа, Скопје ризикува да стане бетонска пустелија со сè помалку места за здив, сенка и живот.
Конгресен центар, концертна сала и летна сала – празнина во урбаната и културната инфраструктура
Скопје, како главен и најголем град во Северна Македонија, се соочува со сериозен и долготраен недостиг од два клучни објекти: современ конгресен центар и модерна концертна сала. Овие објекти се основна инфраструктура за секој главен град што има амбиции да биде културен, деловен и туристички центар во регионот. Нивното отсуство не само што го ограничува културниот развој и социјалната понуда на градот, туку и ги намалува неговите капацитети за меѓународна соработка, економски настани и промоција.

Недостиг од конгресен центар
И покрај тоа што Скопје редовно е домаќин на конференции, форуми, академски и деловни настани, градот нема функционален, голем и современ конгресен центар. Поголемите конференции најчесто се одржуваат во хотелски капацитети, кои имаат ограничен простор и техничка поддршка. Отсуството на специјализиран конгресен простор ја лимитира можноста Скопје да се развие како регионален центар за бизнис-туризам, што е економски потенцијал кој останува неискористен. Иако во изминатите години постоеле неколку најави и предлози за изградба на ваков објект – меѓу кои и идејата за обнова на Скопски саем – ниту една иницијатива не е доведена до реализација.
Недостиг од концертна сала
Во културниот живот на Скопје, исто така, постои голема празнина: нема голема концертна сала со соодветна акустика и капацитет за изведба на класична музика, опери, оркестри и други формати кои бараат висококвалитетен простор.
Новата сала на Македонската филхармонија, отворена во 2017 година, иако е значаен чекор напред, располага со околу 500 седишта, што е недоволно за големи меѓународни настани. Универзална сала – која со децении беше централниот објект за такви настани – е затворена поради реконструкција која е стопирана и без јасен рок за завршување. Ова ја ограничува достапноста на културна содржина за граѓаните и ја оневозможува организацијата на поголеми и поважни музички настани.
Недостиг од летна сцена во Скопје
Иако Скопје е главен град со жив урбан и културен пулс, тој нема современа, функционална летна сцена за концерти и јавни настани на отворено. Во град со топли и суви лета, со зголемен интерес за култура и јавни случувања, отсуството на ваков простор претставува сериозен инфраструктурен и културен недостаток.
Во моментов, културните настани во летните месеци се организираат на импровизирани локации, како што се Кале, Градскиот парк, Франкофонијата, Кејот на Вардар и други отворени површини, но тие не се технички опремени ниту уредени како трајни сцени. Недостига основна инфраструктура: сцена со озвучување и осветлување, седишта, тоалети, безбедносна и пристапна логистика, што ги ограничува можностите за поголеми и поквалитетни настани.

Недостатокот од летна сцена најмногу го чувствуваат организаторите на културни манифестации, музичари, театарски и танцови групи, но и самата публика. Младите, особено, се лишени од простор за летна културна социјализација, а градот губи можност да развива културен туризам и да се вклучи во регионалните фестивалски мрежи. Настаните зависат од дозволи, променливи временски услови и скапа логистика со мобилни сцени, што често резултира со откажани или ограничени програми.
Скопје денес се соочува со сериозни предизвици кои го отежнуваат нормалното функционирање на градот и квалитетот на живот на неговите жители. Од сообраќајниот хаос и недоволниот јавен превоз, преку недостатокот на зелени површини и јавни простори, до културниот вакуум кој ја остава метрополата без доволно можности за развој и забавa – јасно е дека градот му недостасуваат конкретни и итни проекти. За да се движи напред, Скопје треба да инвестира во модерна инфраструктура, подобрување на сообраќајот, и развој на културни и спортски содржини кои ќе го направат градот покомфорен и поживописен за сите негови жители.