Скопје – Дојран во еден правец молам

Во наша Македонија, имаме 3 големи природни езера, кое од кое поубаво и сите некој ни ги пие. Така кротко некаде сокриен, некој слатко ја срка водата, буквално како во онаа приказна кога Итар Пејо, симболот на македонското губитништво (читај: лузерство) демек јаде рибина чорба, а всушност пие вода со лажица од една бара, на која патем налетал со неговите Мариовци. Навистина итро, нема што: и Пејо сит и рибите на број. Освен со убави езера, наша Македонија е полна и со мудреци од овој тип.

Шала на страна, пар децении пред повлекувањето на Преспанско, живеевме во страв дека нашето Дојранско езеро ќе пресуши. Дали беше тоа дел од светскиот заговор против Македонија, или само локален хир на некоја земјоделско – наводнувачка банда, езерото, па и целата околина, беа доведени на работ на пропаст. Вистинска трагедија за локаните жители, но и за сите нас кои бескрајните лета ги минувавме на плажите на Дојранско – најтоплото езеро и вистински рај за деца. Голема среќа, реагираше тогашната екипа на власт и се најде начин како да се зачува овој автентичен крај и неговата езерска магија. Што повеќе, мислам дека на многу начини и со некои интересни иницијативи, се успеа во напорот да се подигне профилот на овој уникатен крај, па во очите на потенцијалните посетители денес Дојран е поуреден и на моменти по-посетен од било кога.

Една од најдобрите идеи и секако најуспешни дојрански приказни во последниве години е Д Фестивалот https://dfestival.mk/ … Од неговите скромни почетоци во 2011та па до денес, успеа да се развие во најголемиот и најуспешен летен фестивал во земјава, а квалитетот кој го нуди, го чини супер интересен и за целиот регион. Искуството, поврзаноста и организационите способности на Пасворд Продукција беа секако пресудни за успехот, но мудроста да се изигра паметно со локалната самоуправа е вистински патоказ за тоа како треба да се работи за општествена корист во оваа наша мала, но меѓусебно завадена Македонија. Овој тип соработка досега никој не успеа да го наметне во Охрид на пример, кој несомнено носи најголем потенцијал за културно – забавна анимација на населението, особено во летниот период. Затоа големо БРАВО за дојранчани и Пасворд.

Како и секогаш, така и оваа година, фестивалот носи интересни и атрактивни музички гости, но тука се и највозбудливите домашни имиња, прострени преку три фестивалски денови. Нема да набројувам имиња, рекламите за Д Фест се насекаде, но ќе истакнам дека овогодишниот избор на домашни артисти е на екстремно високо ниво, што само зборува за извонредната свежина и квалитет кои нашата музичка сцена во моментов ги поседува. Фестивалот започнува во петок на 30 јуни, а завршува во недела на 2ри јули. Топло препорачувам да го посетите и уживате во понуда и атмосфера на светско ниво.

И ако веќе тргате/ме на пат, дозволете ми еден совет:

ОТИДЕТЕ УШТЕ ДЕНЕС, најдоцна до четврток сабајле. Бидете умни како што сте убави и избегнете го Скопје овој четврток. За разлика од прекрасниот дојрански настан, за овој четврток во Скопје се најавува вистински фестивал на инквизицијата. Чиста омраза и хистерија, предводени од една од најреакционерните фирми во земјава (МПЦ). Илјадници ќе маршираат против правата на нашите жени и нашите “инакви“ браќа и сестри. Ај што ќе маршираат, туку и ќе не плукаат, навредуваат и ќе демонстрираат насилство. Сигурен сум во тоа. Затоа набавете билет во еден правец за Дојран. Зошто Дојран ќе е љубов, за разлика од наше Скопје неделава. Уживајте во езерото, сонцето, музиката….  Нарачајте риба, ете Дојран нуди многу вкусна риба….

Повторно таа риба. Рибата е очигледно се наметна како лајт – мотив во денешнава колумна, па ќе ве оставам со приказната за Итар Пејо и рибината чорба и тоа во целост. Убав викенд.

Тргнал Пејо еден петок со своите Мариовци на пазар. Одејќи така, патем видел една бара во која имало доста риби, па бидејќи било петок, не се мрсело, решил Пејо да направи ручек со риби. Но барата била длабока и рибите не се фаќале да ги испече Пејо, та така почнале сите да јадат леб и кромид. Пејо си вели како на себе: Е, и ова не е право. Гледај риби – јади кромид – па како да се присети нешто, скокна од местото, ја извади лажицата од торбата и им вели на другарите: Лажиците бре другари! Не гледате колку рибина чорба има пред нас, а ние јадеме леб и кромид, и седнал до барата и почнал да срка од водата во која се префралале слатките мренчиња, крапчиња и разни други риби. Селаните го послушале и се наредиле окулу барата, та се насркале од “убавата” и “слатка” “рибина чорба”.

Авторот е музичар

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни