Најновите трендови во барската и коктел индустријата публиката имаше можност да ги проследи на првото Скопје Бар шоу, што се одржа неделава во Лабораториумот во Скопје, во организација на Здружението на бармени на Македонија (ЗБМ).
Во рамки на Скопје Бар Шоу се одржа и 15-то Државно првенство на бармени. Целта на настанот беше унапредување на ХоРеКа сегментот во туристичко-угостителскиот сектор во земјава.
Во склоп на настанот се одржа и посебен дел со семинари и мастер класови од реномирани професионалци од земјата и регионот.
Скопјанката Теодора Николиќ (24) е победничка на 15. Државното првенство на бармени во Македонија и ќе ја претставува нашата држава на Светското првенство на бармени во прекрасната Мадеира, Португалија.

Натпреварот беше во класичнo подготвување на коктели. Секој учесник мораше да пријави свој коктел. Категоријата на коктели што ги подготвуваа бармените беше:
Long Drink во квалификации
Speed, tasting and knowledge challenge во полуфинале
Long Drink cocktail во финале

Право на учество имаа сите бармени кои живеат и работат во Македонија, но и сите оние на кои мешањето на пијалоци им е хоби или пасија.
Никола Анастасијески го освои второто, а Мартин Митревски третото место на годинашното Државно првенство на бармени. Николиќ, Анастасијески и Митревски ги претставија своите коктели пред стручната комисија, а присутните ги поздравија со силни аплаузи.

Филип Арнаудов, претседателот на Здружението на бармени во Македонија истакна дека за натпреварот се пријавиле 26 учесници од кои 2 девојчиња и 24 момчиња.
„Досега како успех имаме освоено два пати трето место, еднаш второ место и во новиот формат на светската асоцијација на бармени имаме влезено еднаш во полуфинале“, нагласи Филип.
На натпреварот се оценува техниката како работат, се оценува креативноста, односот со гостите, во случајот со судиите и нормално коктелот кој што го подготвуваат.

Дарко Ангелески, еден од основачите и поранешен претседател на ЗБМ, изјави дека еден бармен мора да биде харизматичен и да сака луѓе ако сака да се занимава со оваа работа.
За читателите на Трн, тој открива кој е коктелот за 2024 година и која е формулата за добар коктел:
„Некои од коктелите кои ги пиеме сега тука во Скопје и во цел свет се навистина направени од бармени, секогаш треба да има добар баланс, температура на сервирање и она што е многу важно количеството на вода кое ги разредува и заедно ги поврзува сите различни состојки во еден коктел. Во моментов многу се популарни долгите пијалоци или long drinks и мислам дека следното ниво ќе биде палома. Во Мексико пијат палома, која се подготвува од текила, сто проценти агаве, лајм и грејпфрут сода. Многу елементарен коктел, прекрасен“, потенцира Дарко.

Во однос на дискриминацијата по однос на род и возраст, годинава се покажа дека во пракса не е така. Најдобрите бармени кај нас се оние повозрасните, односно со поголемо искуство а победникот е женско. Значи барменството полека крши стереотипи и се отвара за нови искуства.
Првото професионално училиште за бармени беше отворено пред 22 години и ако се вратиме малку наназад кон историјата имало неколку барови во тоа време, тоа биле неколку хотелски барови каде бармените сервирале коктели кои биле лимитирани за една одредена група луѓе. Денеска секој може да пие насекаде убави пијалоци.
Настанот се одржа на 12 март во „Лабораториум“, во организација на Здружението на бармени на Македонија (ЗБМ).