Скопјани маршираа за чист воздух: „Човечките животи не смеат да бидат цена за нечие профитирање“

Повеќе од 1.000 граѓани денес се приклучија на протестниот марш за чист воздух, организиран од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ во Скопје. Под мотото „Чист воздух за сите“, маршот започна пред Министерството за животна средина, продолжи пред Собранието, а заврши пред Владата.

Граѓаните маршираа под паролите: „Во Скопје живеат згради и коли, ние луѓето само се гушиме,“ „Кој десно, кој лево, сите се гушиме,“ „Воздух здравје и ништо помалку,“ „Буџетот е магично стапче за загадувањето,“ и „Уште ли за ова протестираме?“

Активистите побараа итни мерки за справување со загадувањето, кое, според нив, предизвикува сериозни здравствени последици. Според податоците, годишно во Македонија умираат околу 3.828 лица како резултат на изложеност на PM2.5 честички, што претставува 17.7% од вкупната смртност.

„Ова не е само бројка, туку илјадници човечки животи. Загадениот воздух веќе ги зема најранливите – децата. Бараме Владата и општините да преземат итни мерки. Нашиот живот нема цена“, порачаа од „Зелен хуман град“.

Поглед кон иднината

Протестот испрати силна порака за потребата од стратешки пристап кон заштита на животната средина. Активистите повикаа на инвестирање во јавен превоз, субвенционирање фотоволтаици и енергетски ефикасни фасади, како и развивање системи за самоизнајмување велосипеди.

„Нашата борба е борба за живот. Време е Владата да преземе одговорност и да покаже дека чистиот воздух е право, а не привилегија“, истакнаа учесниците.

Со ваквите иницијативи, активистите се надеваат на сериозен притисок за надлежните институции да преземат конкретни чекори за решавање на проблемот со загадувањето на воздухот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни