Скопскиот џез фестивал ја продолжи 44. сезона со маестрален настап на Марк Рибо и групата Kahil El’Zabar’s Ethnic Heritage Ensemble

Втората вечер од Скопскиот џез фестивал во Националната опера и балет донесе вистински музички спектакл. Публиката имаше ретка можност да ужива во експресивниот свет на американскиот гитарски виртуоз Марк Рибо и во ритуалната енергија на легендарниот Kahil El’Zabar’s Ethnic Heritage Ensemble, кои со своите настапи го потврдија космополитскиот дух и врвното уметничко ниво на фестивалот.
Angel Angelovski photo

Настанот започна во 20 часот со Марк Рибо – познат по својот авангардeн пристап кон џезот, рокот и експерименталната музика.

Angel Angelovski photo

Со својот единствен звук, кој истовремено содржи и сурова емоција и интелектуална длабочина, Рибо ја маѓепса публиката со соло изведба што преминуваше од интимни тивки акорди до експлозивни импровизации.

Angel Angelovski photo

Во 22 часот, сцената ја презеде Kahil El’Zabar’s Ethnic Heritage Ensemble, состав што повеќе од четири децении го слави афроамериканското музичко наследство преку спој на џез, духовност и ритам. Под водство на Кахил Ел’Забар, мајстор на перкусии и визионер на чикашката авангардна сцена, ансамблот создаде звук што ја исполнуваше салата со пулс на Африка, дух на импровизација и топлина на заедништво.

Angel Angelovski photo

Со оваа програма, фестивалот уште еднаш потврди дека останува најзначајниот и најдолговечен музички настан во земјата, кој веќе 44 години го отвора Скопје кон светот и го претвора во сцена на глобалниот џез.

Angel Angelovski photo

Под уметничкото водство на Оливер Белопета, Скопскиот џез фестивал останува верен на својата мисија – да ги спои традицијата и авангардата, да донесе уметници од врвот на светската сцена и да потсетува дека музиката, кога се свири искрено, нема граници.

Angel Angelovski photo

Следната фестивалска вечер продолжува со настапите на After the Wildfire Quartet и Goran Kajfeš Tropiques, кои ветуваат уште една ноќ исполнета со енергија, слобода и џез што инспирира.

Angel Angelovski photo

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни