Шестото издание на Скопскиот поетски фестивал ќе се одржи од 7 до 9 мај во Младинскиот културен центар ‒ Скопје и во „Буква“. На фестивалот ќе учествуваат околу стотина поети од земјава и од странство, меѓу кои гости од Кина, Хрватска, Словенија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и Црна Гора.
Мотото на годинешниот фестивал е „Со стих спроти наратив“, со кое се одбележува 100-годишнината од раѓањето на Ален Гинзберг и се истражува актуелната улога на поезијата во современите политички и социјални контексти.
Фестивалот ќе започне на 7 мај во 20:00 часот со официјалното отворање во МКЦ на кое ќе настапат девет поети и поетеси, меѓу кои и младата поетеса Деспина Сиљаноска. По отворањето, следува поетско-музички перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
На 8 мај програмата ќе продолжи со затворени читања „Поетот е присутен“ за малубројна публика, промоции на изданија на ПНВ Публикации, интернационални поетски читања и избор песни од авторки од Турција и Хрватска.
На последниот ден од фестивалот, 9 мај, публиката ќе има можност да проследи промоции на книги, интернационално читање „THE VERSE CITY/DIVERSITY“ со петнаесет поети и поетеси и забава за крај на фестивалот во „Буква“.
Пред официјалното отворање, на 7 мај од 18:00 часот, во киното „Фросина“ ќе се одржи промоција на панорамата „Пет години Отскочна даска“ со настап на шеесет и шест млади поети.
Фестивалот се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а помагатели се МКЦ, „Буква“, ПНВ Публикации, Култура Бета и хотел „Цара 1928“.
Програмата ги комбинира интернационалните читања, промоциите на книги, поетско-музички перформанси и интеракција со младите поети, создавајќи уникатна можност за љубителите на поезијата да се сретнат со современата светска литература и култура.