Скопски младински субкултури-паркаши, гасери, тотки, навивачи…

Ако навечер прошетате низ скопско Дебар Маало и накај Градски парк, сигурно ќе забележите групи од млади луѓе, тинејџери, кои се муваат навидум без некоја идеја што да прават вечерта со себе. Некои јадат пред пекара, некои со кесиња полни пиво, вино и грицки одат накај парк, некои седнуваат и во кафулињата. Понекогаш изгледаат застрашувачки, особено кога се во групи од по десетина, па и повеќе. Бесни, скапи автомобили пролетуваат низ тесните сокаци меѓу роеви бучни скутери. Со една реченица, тие се младината во Скопје.

Направивме мало истражување меѓу нив за да дознаеме нешто повеќе за тоа кои се, каква музика слушаат, каков однос имаат кон врсниците, каква музика слушаат. Она што може да се заклучи нашето микро истражување е дека скопската урбана субкултурна сцена е благо изменета реплика на сцената во раните девеести години од минатиот век. Тогашните Дизелаши сега се Гасери, Алтернативците се Паркаши, Кремчињата – Фенсерај. Навивачите си останале навивачи, со тоа што сега за разлика од раните девеесетти, сцената е малку пофрагментирана со појавата на нови навивачки групи, но концептот е останат ист.

Исто како и порано, сите овие субкултури се во некаков конфликт меѓу себе – стилски, музички, идеолошки, а понекогаш и физички. Изгледот (стилот на облекување, шминкање, фризура), музиката која се слуша, вредностите во кои се верува, а и местата за собирање, стануваат симболи, стануваат знаци преку кои групите се разликуваат и кои имаат за цел да ги привлечат припадниците на истата група, а да ги одбијат останатите.

Иако родителите, главно се склони кон замижување пред темата, алкохолот и дрогите се присутни во секојдневието на младите и влијаат врз нив. Без податоци од релевантни истражувања може само да се шпекулира за опфатот на користење дроги, но оние кои се издвојуваат како присутни во разговори со младите се: марихуаната како најраширена, потоа следат амфетаминот – спид, МДМА (екстази), а во последно време се повеќе се споменува и кокаинот. Дел од младинските субкултури го стигматизираат користењето на дроги и неретко ги нарекуваат оние групи за кои мислат дека ги користат наркомани, дрогераши или џанкери. Но, останува фактот дека во сите групи, помалку или повеќе дрогите се присутни.

извор: Instagram bakaprase модна икона на гасерската субкултура

Секој стил има своја социјална димензија. Субкултурите земаат некој детал од секојдневното живеење и му даваат нова вредност и значење, најчесто така го објавуваат својот отпор и револт кон веќе постоечките симболички пракси. Така, на пример, железничарските работнички чизми, стануваат симбол на панкерите, а подоцна и на скинхедсите, за на крај да бидат употребени во комерцијални цели од модната индустрија за голема цена. Исто и скапите патики и спортска опрема веќе не се користат за спорт и рекреација, туку како статусни симболи, а веројатно и прозведувачите на тие обувки и опрема свесно ги пласираат како моден детал повеќе отколку како спортска опрема. Во Скопје многу од младите не можат да си дозволат да имаат многу и различни парчиња на стилска облека преку која би се иднетификувале како пропадници на одредена субкултура. Многу често имаат по едно или две парчиња скапи обувки, кои ги носат „за искачање“. Ова не е културна и социјална уравниловка која овозможува пристап до некоја повисока социјална група, со помалку пари, туку повеќе е еден вид бегство од реалноста и неретко извор на погрешно канализирана агресивност предизвикана од немоќта да се следи стилската матрица на заедницата, друштвото, екипата. Во овој случај социјалната димензија на стилот е онаа на искривување на реалноста, на замижување пред фактите.

Гасерите се мачистичка субкултура во која прилично битно е покажувањето на социјалниот статус и тоа главно преку носење на скапа спортска опрема, главно од брендовите Најк и Адидас. Музика на гасерите се новите деривати на балкански рап кои се под силно влијание на некогашниот турбо фолк. Во нивниот систем на вредности мажот има доминантна улога врз жената и таа доминација може да се оствари и со грубост, па и насилство. Иако во принцип сметаат дека местото на жената е во кујна, девојките во оваа заедница, Тотки, се девојки кои се облекуваат провокативно, користат нападна шминка, но сепак ја прифаќаат доминантната и понекогаш насилничка улога на машките како нешто нормално. Насилството, како комуникација е прифатено кај оваа група и не се ретки тепачките меѓу гасерите, но и со млади од другите заедници, особено Паркашите. Освен преку гардеробата Гасерот својот статус го потврдува, или го добива и преку насилството.

Иако постојат различни сфаќања за тоа кои се скопските Паркаши, а често и дел од младите кои стилски припаѓаат кон оваа заедница не сакаат да бидат означени како Паркаши, со овој термин може да се означи либералната, андерграунд, или алтернативна сцена. Името го добиваат по тоа што главно собиралиште во зиминативе неколку години беше Градскиот парк, главно во делот околу фонтатата Лотос и пред тениските терени. Оваа групација обединува повеќе стилски форми на облекување, од стриктните Emo и Goth стилови, преку пост панк варијанти, до младешка неформална гардероба. Во овие кругови, различностите се најприфатени, а хомофобијата доколку постои е минорна, исто и мизогинијата. Поинаквите ставови, стилот на облекување и однесување, односот кон дрoгите, како и музиката која ја слушаат ги прави Паркашите „поинкави“ во очите на нивните врсници, па затоа, главно од страна на гасерската заедница се нарекувани и секта или наркомани. Насилството, главно не е прифатено кај Паркашите, освен во исклучителни ситуации и за време на повремените помасовни судири со Гасерите, или други „екипи“ како Дромците. Статусот во оваа група се стекнува преку способноста за „кул“ комуникација, посетување на концерти, но и посебноста на стилот на облекување (дури и кога навидум покажуваат презир кон „дотерување“)

Навивачките групи се типично машки, во голем степен формализирани и во некоја рака униформирани друштва. Нивни карактеристики се внатрешна солидарност, територијалност и мачизам. Во стилот на облекување освен генералните карактеристики на навивачки стил: дуксери со качулки и спортски обувки, доминираат клубските обележја и бои, како и обележјата на навивачката група. Најпознати навивачки групи во Скопје се Комитите – навивачи на Вардар, City Park Boys (CPB) – Работнички, Фамилија – МЗТ и Шверцери – Шкупи.

Територијалноста е отсликана со тоа што CPB се главно присутни во Центар и делови од Карпош, Фамилија во Аеродром и делови од Кисела Вода, Шеверцери во Чаир. Верноста кон боите на клубот е ултимативна во овие субкултури, а преку боите навивачките групи ја одбележуваат и нивната „територија“ поставувајќи огромни графити со логоата и боите на клубот и на групата. Освен насилството на спортските терени, не ретко тепачки се случуваат и надвор, а во повеќе случаи одредени настани се и со политичка позадина. Овој организиран политички ангажман ги издвојува навивачите од останатите групи.

Тоа што младинската субкултурна сцена не доживува сериозна промена во последните три децении, веројатно говори за сериозна културна стагнација кај нас и во поширокиот регион околу нас. Иако изложени на влијанијата на интернетот, се чини дека младинските субкултури стекнале способност за пренесување на своите вредности, симболи и значења на новите генерации. Дефинирани од антрополозите како „симболички отпор кон симболичкиот поредок во општеството“ препознавањето на речиси идентични младински субкултури од девеесеттите години на дваесеттиот век, во дваесеттите на дваесет и првиот, можно е да говори не само за стагнација на доминантната култура, туку за нејзино целосно „замрзнување“ уште во периодот на распадот на социјалистичкото општество. Состојба која бара сериозно проучување и ангажман на државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни