Шестата по ред Парада на гордоста/Скопје Прајд, годинава ќе се одржи на 21 јуни.
Националната мрежа против хомофобија и трансфобија денеска одржа прес-конференција посветена на овогодишното издание на Парадата на гордоста, чија што појдовна точка, како и досега, ќе биде во паркот „Жена-борец“, каде во 18 часот ќе започне собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори ќе започне протестниот марш по скопските улици.
Оваа година, маршот на Скопје Прајд добива нова рута – симболично и буквално.
„Ова не е прослава – ова е протест. Нема јавна програма, нема забава – само отпор.
Во изминатите месеци, видовме како образовниот систем го брише секое спомнување на нашите идентитети, нашите приказни, нашето постоење. Зголеменото насилство, омразата и исмевањето во училиштата не се случајни – тие се последица на институционален срам и молк. Наместо заштита, образовните политики нудат невидливост. Наместо грижа – негирање. И токму затоа ќе застанеме пред ова Министерство, гласни и непокорни – затоа што младите заслужуваат подобро. Затоа што животите на квир учениците вредат“ порача Стефан Петровски, активист.
„Пред Министерството за образование ќе бидеме гласни за младите ЛГБТИ+ луѓе чија реалност се избришани идентитети и системско насилство. Пред Владата ќе ги испратиме нашите пораки:
– Доста е од молк за Кочани
– Доста е од игнорирање на Законот за правно признавање на род
– Доста е од воздржаност пред геноцид
Оваа година слоганот на Парадата на гордоста во Скопје гласи „Ќе (оп) стоиме заедно!“
Овој слоган не е случаен. Тој го носи нашето искуство на преживување, но и нашата одлучност – не само да опстоиме, туку да опстоиме заедно. Во време на политички притисоци, говор на омраза, институционално молчење и глобални неправди, нашиот одговор е заедништво, солидарност и радикална грижа.
Протестираме не заради традиција, туку затоа што е потребно. Затоа што многу ЛГБТИК+ луѓе и понатаму се третираат како невидливи, несигурни и незаштитени. Затоа што транс лицата сè уште чекаат правно признавање на родот. Затоа што образованието се чисти од секакво споменување на нашите животи. Затоа што сакаме да живееме во општество во кое телата, љубовта и идентитетите нема да се сметаат за закана. Скопје Прајд 2025 не е само настан – тоа е движење. И секој што ќе застане со нас, придонесува за промена“ кажа Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите луѓе.
Организаторите велат дека има многу причини за протест оваа година и не сметаат дека има простор за забава на Парадата на гордоста.
„Секоја година Министерството за внатрешни работи покажува високо ниво на професионалност во обезбедувањето на учесниците на Прајдот, полициските службеници успеваат да не предизвикаат страв и тензија кај учесниците.
Во периодот на оджувањето на Парадата на гордоста, секоја година се соочува,е со сериозен говор на омраза. МВР го следи говорот на омраза, а ќе ги следиме и ние сите овие појави и ќе известуваме за сите случувања, кажа Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Организаторите ги повикуваат сите – ЛГБТИК+ луѓет, како и сојузниците, пријателите, колегите, избраните и биолошки семејства – да излезат на 21 јуни.
„Да покажеме дека сме многубројни, дека не се плашиме, и дека стоиме рамо до рамо за општество засновано на еднаквост, слобода и почит“ велат тие.