По најавениот протест на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), утринава во центарот на Скопје се воведува посебен сообраќаен режим. Протестот започна пред зградата на Собранието на улиците „11 Октомври“ и „Даме Груев“, каде синдикатот ги блокира пристапите за да го нагласи барањето за повисока минимална плата.
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека, доколку се појави потреба, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните улици, а полициските службеници ќе преземат сите потребни мерки за безбедност и ред во сообраќајот. МВР апелира до сите учесници да ги почитуваат наредбите на патните полицајци за непречено движење и безбедност.
ССМ повторува дека блокадите се дел од синдикалните активности за притисок врз пратениците, кои, според нив, ја одолговлекуваат одлуката за зголемување на минималната плата и резот на функционерските привилегии.
