Во наредните три месеци, градот ќе живее под купола од студ, магла и чад, комбинација што секоја зима ја претвора котлината во еден од најзагадените урбани простори во Европа. Температурите паѓаат, печките се палат, а ветерот како да потпишува договор да не се појави.
Во овој период, Скопје го губи единствениот природен сојузник: циркулацијата на воздухот. Кога студениот слој се спушта врз градот, загадувањето не се дисперзира, туку останува со нас. Во белите дробови. Во домовите. Во училиштата. Во раните утрински прошетки.
Следниве 90 дена се критични не затоа што се најстудени, туку затоа што го откриваат најголемиот системски дефект на градот: секоја зима го живееме истиот проблем, а реагираме како да ни се случува првпат.
Ова е периодот кога бројките ќе се вртат околу црвените линии: PM10, PM2.5, црни точки на картите, алармирани апликации и „привремени мерки“ што никогаш не стануваат трајни решенија.
Децата се најранливите жртви на загадениот воздух
Според новото истражување на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија, во Северна Македонија загадувањето на воздухот е директно поврзано со еден од девет смртни случаи кај деца до една година. Бебињата и малите деца се најизложени на ризик бидејќи нивните органи сè уште се развиваат, а честичките ПМ10 и ПМ2.5 полесно навлегуваат во нивните дишни патишта.
Извештајот „Почетоци без здив“ предупредува дека раната и честа изложеност на загаден воздух — уште од бременоста — води кон смалување и структурни промени на белите дробови, зголемен ризик од пневмонија, астма, инфекции, па дури и нарушувања во когнитивниот развој и училишниот успех. Дополнително, загадениот воздух е еколошки фактор што одзема повеќе здрави години од животот отколку високите температури, нечистата вода или лошите санитарни услови.
УНИЦЕФ апелира државите во регионот, меѓу кои и Северна Македонија, да инвестираат во чиста енергија, енергетска ефикасност и системски мерки што ќе ги заштитат бремените жени и децата – најчуствителните групи во општеството.
Од што и колку е загадено Скопје?
Годишните средни концентрации на ПМ2.5 во Скопје се движат околу 40–50 μg/m³, што е неколкукратно над препораките за заштита на здравјето. Истражувањата покажуваат дека две третини од ПМ10 честичките се всушност ПМ2.5 најопасната фракција што продира длабоко во белите дробови.
Загадувањето е хронично, не епизодно: Скопје редовно надминува дозволени концентрации на ПМ10 и ПМ2.5 повеќе од 100 дена годишно, а во 2024 година градот повторно се најде меѓу топ 10 најзагадени градови во светот.
Главните извори на загадување се: индивидуални домашни греења на дрва и нискоквалитетни горива, сообраќајот и старите возила, индустриски постројки, градскиот нанос на прашина и ограничената циркулација на воздух поради котлинската позиција.
Здравствените последици: невидливи, но опасни
ПМ2.5 и ПМ10 честичките се директно поврзани со зголемен ризик од хронични и акутни респираторни болести, астма и бронхитис, инфекции кај деца, кардиоваскуларни заболувања и предвремени смртни случаи.
За децата ризикот е најголем: нивните респираторни системи се незрели, дишат побрзо, вдишуваат повеќе воздух по килограм телесна тежина, а фините честички полесно навлегуваат и предизвикуваат трајни оштетувања. Кај бебињата, како што посочува УНИЦЕФ, загадениот воздух е фактор што влијае дури на преживувањето, растот, мозочниот развој и училишниот успех
Зимата не е виновникот, таа само ги прави видливи системските слабости што ги игнорираме со децении. Загадувањето не е ниту случајност, ниту временска неприлика, туку резултат на неефикасни политики, заостаната енергетика и недоволна грижа за најранливите групи. Ако секоја година ја започнуваме сезоната на смог со истите аларми, а ги завршуваме со истото заборавење, ние самите ја продолжуваме оваа магла. Решенија има, чиста енергија, ефикасни системи за греење, јавен транспорт, урбано зеленило, регулирање на емисии, но тие мора да станат итен приоритет, а не сезонска тема.
Загадувањето трае само три месеци во годината. Неговите последици траат цел живот.
