Скопје се подготвува за Дедомразовската трка

Пред и по трката, учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонијата на прогласување на победниците

Започна пријавувањето за традиционалната Coca-Cola Дедомразовска Трка 2025, највеселиот и најпразничниот спортски настан што секоја година ги обединува децата, семејствата и сите љубители на празничната енергија. Трката ќе се одржи на 28 декември 2025 година (недела), со старт од Плоштад Македонија.

„Оваа уникатна трка не е само натпреварувачка, туку и забавна, а сите, без разлика на возраста, се добредојдени да се приклучат. Трасата е долга само 2 километри – совршена за деца, родители и рекреативци. Децата можат да учествуваат во придружба на своите родители, создавајќи незаборавни семејни спомени“ велат организаторите.

Оваа година, по прв пат е воведена и Семејна пријава, која им овозможува на семејствата да трчаат заедно, создавајќи уште поубаво празнично доживување и спомени кои траат.

Александар Георгиевски од Прв до врв, организатор на Coca-Cola Дедомразовската трка, изјави:

„Интересот за овогодинешната Coca-Cola Дедомразовска трка е огромен и веќе бележиме рекорден број пријавени учесници, што јасно покажува колку овој настан е прифатен од граѓаните. Оваа трка одамна прерасна во вистински празник кој го става Скопје во друштво на големите светски метрополи кои традиционално организираат трки со дедомразовци. Заедно со нашите партнери, подготвуваме незаборавна забава и магично доживување за сите генерации.”

Пријавување и дедомразовски костуми

Пријавувањето се одвива преку веб-страницата https://prvdovrv.mk/dedomrazovska и трае до 25 декември или до пополнување на капацитетот. Со регистрацијата, секој учесник добива комплетен дедомразовски костум – палто, панталони, капа, ремен и брада за Дедо Мраз, или фустан и капа со плетенки за Баба Мразица и соодветни величини за децата според возраста. Трчањето во дедомразовски костум е задолжително за сите учесници во трката.

Награди и изненадувања

Најбрзите Дедомразовци, Бабамразици и Мразулчиња ќе освојат медали и вредносни ваучери, а дополнително, преку новогодишна лотарија, на најсреќните учесници ќе им се исполнат новогодишните желби, без оглед на постигнатото време. За секое дете до 10 години, Организаторот обезбеди и новогодишно пакетче.

Програма и детали за настанот

Пред и по трката, учесниците и посетителите ќе можат да уживаат во музичка програма, загревање со фитнес инструктор и церемонијата на прогласување на победниците.


Стартот на трката е закажан за во недела, на 28 декември за 12:00 часот, а подигнувањето на стартните пакети ќе се врши од 10:00 часот на денот на трката, на Плоштад Македонија.

Трката е организирана од здружението за спорт и рекреација Прв до врв, со поддршка на долгогодишниот партнер Пивара Скопје и Град Скопје.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни