Скопје повторно неподготвено: град што се лизга и на најмало количество снег

И неколку сантиметри снег се доволни за сообраќаен колапс, доцнења и нервоза – проблемот не е времето, туку оние кои раководат со системот

Скопје и оваа зима повторно покажа дека нема функционален одговор ни на најосновните зимски услови. Неколку сантиметри снег беа доволни за сообраќаен хаос, доцнења во јавниот превоз и целосна дезориентација на градот. Сценариото е добро познато и се повторува секоја година, без разлика дали снегот е обилен или симболичен.

Утринските часови донесоа застои на клучните булевари, лизгави коловози и нерасчистени тротоари. Автобусите доцнеа или сообраќаа по изменети траси, а граѓаните повторно беа оставени сами да се снаоѓаат. Социјалните мрежи се наполнија со фотографии од заглавени возила и мраз на улиците.

Проблемот, сепак, не е снегот. Скопје не се соочува со екстремни зими, ниту со непредвидливи временски услови. Проблемот е хроничната неподготвеност и отсуството на јасен, координиран систем за зимско одржување. Секоја година, одговорноста се префрла меѓу Градот Скопје, јавните претпријатија и општините, додека граѓаните ја плаќаат цената со изгубено време и нервоза.

Дури и со нескриена доза на цинизам, скопскиот градоначалник објавува ПР видео, со епско – херојска музичка позадина во кое машините за чистење снег стојат спремни за напад на снегот, небаре се змејовите од „Игра на троновите“. А, улиците непроодни.

Дополнителен апсурд е што ваквите ситуации се случуваат и покрај најавите за врнежи. Не станува збор за ненадејна временска непогода, туку за предвидливи услови. Тоа го отвора суштинското прашање: дали градот има реален план за зимско одржување или секоја година почнува од импровизација?

Скопје функционира само кога времето му оди во прилог. И токму тоа е најголемиот проблем. Град кој се парализира од два сантиметри снег не е жртва на природата, туку на лошо управување. Додека тоа не се смени, секој следен снег – без разлика на количината – ќе продолжи да ја разоткрива истата слабост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни