Овој текст е редакциски став на „Трн“

Скопје нема потреба од чалам — туку од градоначалник што знае да работи

Изборот е завршен, но вистинскиот тест дури почнува: градот бара компетентност, не чалам. „Трн“ ќе следи секој потег на новиот градоначалник — без аплаузи, без молк, со јасно барање за отчетност.

На Скопје му е доста од приказни и соништа. Му треба некој што ќе ги среди основните функции на градот. Новиот градоначалник е веќе познат, но изборот е само почеток. Вистинскиот тест допрва следи: градот е запуштен, јавните претпријатија се во делумна кома, а визијата за плански развој речиси и да не постои. Градот не бара чудотворец, туку човек што знае да работи — со тим, план и отчетност.

Во „Трн“ нема да аплаудираме на ветувања. Ќе го следиме секој потег, секој проект и секое ветување што ќе се претвори — или нема да се претвори — во реалност. Од новата градска власт ќе бараме основна пристојност: чисти улици, празни контејнери, нула диви депонии и систем со кој граѓаните лесно и ефтино се ослободуваат од шут и кабаст отпад. Ќе бараме јавен превоз што навистина функционира — со пристапни цени, линии што имаат логика и возен ред што важи до минута. Пешачењето и возењето велосипед во Скопје мора конечно да станат нормални активности, а не спорт за преживување меѓу паркирани автомобили.

Ќе бараме почиcт воздух, реални казни за загадувачите и зголемен опсег на централно греење. Ќе бараме урбанистички план кој ќе овозможи хуман развој на градот, од интерес за граѓаните, а не за инвеститорите. Ќе бараме рационално користење на водата, заштита на изворите, канализација што не се поплавува при секој дожд и пречистителни станици што навистина го штитат Вардар. И ќе бараме градски културни политики што ќе го вратат Скопје на картата на европските и светските културни практики, наместо да го сведуваат на евтин локален шовинизам. Скопската младина заслужува град што живее — со култура, музика, спорт и места за дружење што не се на маргините, туку во срцето на градските политики.

Нема да аплаудираме на малограѓанштина и популизам. И нема да замижуваме пред практики што го делат Скопје и создаваат етнички и социјални гета. Секој градоначалник ветува дека ќе работи за граѓаните; ние ветуваме дека нема да престанеме да прашуваме — како, кога и колку добро. „Градоначалник што знае да работи“ не значи градоначалник што најдобро зборува, туку оној што умее да состави тим, да слуша стручни луѓе и да носи непопуларни, но потребни одлуки. Некој што нема да владее преку статуси и маркетинг, туку преку план, рокови и резултати што можат да се проверат.

Нашата работа во „Трн“ е да го мериме токму тоа: колку од ветеното навистина се реализира, колку од кризите се решаваат, а не се користат за политички поени, и колку пари одат за одржување на чалами наместо за реални проблеми. Ќе следиме тендери, ќе ги проверуваме бројките и ќе разговараме со луѓето на терен, за да ја покажеме вистинската слика — не онаа од социјалните мрежи. Од граѓаните очекуваме исто толку колку и од градоначалникот: да не се помируваат со „такво ни е“, да пријавуваат, да бараат одговори и да одбиваат да се задоволат со евтин пи-ар наместо со работа.

Овој мандат е тест и за градоначалникот, и за институциите, и за медиумите, и за сите нас. Ако нешто ветуваме, тоа е едно: Скопје нема да го гледаме како ничиј личен трофеј, туку како заедничка обврска. Ниту аплауз, ниту молк — само внимателно следење и барање отчетност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни