Скопје утрово се најде на врвот на листата на најзагадени градови во Европа, покажуваат податоците на швајцарската апликација IQ Air. Со просечна загаденост од 101, македонската престолнина е прва во Европа и 21-ви град во светот по квалитет на воздухот. Веднаш зад Скопје се Амстердам и Сараево.
Апликацијата AirCare го оценува квалитетот на воздухот како умерен, но на одредени мерни станици концентрацијата на ПМ-10 честички надминува 200, што е алармантно за чувствителните групи.
Владата на Република Северна Македонија веќе ги активираше мерките за заштита на населението. На работодавците им се препорачува да ги ослободат од работа: бремените жени, лица постари од 60 години, граѓани со хронична астма и лица кои имаат прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста.
На оние кои мораат да работат на отворено, се советува смените да им бидат поместени во периодот од 11 до 17 часот, кога загадувањето обично благо опаѓа.