Градот е видливо валкан; контејнерите стојат полни, смрдеата е факт. На терен, цели квартови остануваат непокриени со собирање; смените доцнат или воопшто не стигнуваат. Додека граѓаните чекаат комуналец да ги испразни контејнерите, го чекаат и автобусот — доцни, се откажува или останува на „ќе видиме“. Ова не е расправа околу тоа „чиј е проблемот“. Ова е распад на управувањето со градот.
Комунална хигиена — што не функционира
Распоред на празнење контејнери што се распаѓа за викенд и по празници. Испразнување што касни по неколку циклуси, па делови од градот остануваат непокриени со денови. Редици кон „Дрисла“ што ги држат камионите во место. Пријави што се отвораат, а одговор нема. Изговорите се многу; празните контејнери — малку.

Јавен превоз — што не функционира
Автобуси што зависат од логистика „од ден за утре“. Недоволно возила во шпиц, скратени или откажани поаѓања, интервали што се промашуваат. „Информации“ кон патниците без точен возен ред во реално време и без отворени податоци за следење на линиите. Вечерни часови со ретка покриеност на периферијата. Кога превозот е несигурен, градот станува помал и поболен.

Не е тоа политичка битка
Градот, ЈП „Комунална хигиена“, „Дрисла“, ЈСП, општините — секој си има своја обврска. Кога резултатот е ова што го гледаме, тоа не се „политички разлики“, тоа не е идеолошко разидување,туку неуспех во управувањето со локалната самоуправа. Тоа е отсуство на свесност јавниот интерес да биде пред приватниот или партискиот.
Цена која ја плаќат граѓаните
Мирис на распаднат отпад и штетници под прозорците на скопјани. Изгубени часови на автобуски станици. Ова не е слом на ПР-от — ова е секојдневие. Метрополата на македонската држава почнува да личи на бразилска фавела, на гето во кое никој не се гриѓи за квалитетот на животот на оние кои се приморани да живеат тука.
Пет прашања до кандидатите – како да мериме дали знаете што правите
- Кога, со точен датум, ќе објавите дневни јавни податоци по општина и по зона: колку контејнери се испразнети, колку доцнења, колку откажувања?
- Колку екипи и колку смени ќе работат за редовно празнење за викенд и празници — и каков распоред ќе биде јавно објавен?
- Кои се првите пет „црни точки“ што ќе имаат фиксни термини за празнење — и кој точно ќе одговара ако тие термини се пробијат?
- Колку автобуси ќе бидат на терен во шпиц и кој интервал на возења ќе се држи по линија — со отворени GPS-податоци за јавноста и медиумите?
- Каде ќе биде јавно достапна карта на извршување (и хигиена, и превоз) —и колку често ќе се ажурира? Карта на извршување е јавна интерактивна мапа/табло со реални податоци за празнењето на контејнерите и движењето на автобусите.
- Ако некој/а од кандидатите може да одговори на овие прашања, може да почнеме да размислуваме за тоа што ќе правиме на денот на изборите. Без ова, немаме понуда вредна за разгледување.
Доаѓа сезоната на екстремно загаден воздух. Подобро да имате веќе подготвен план — без популизам и без бегање од одговорност. Сè друго е приказна за мали деца. Скопје бара извршување на должностите и надлежностите, затоа што ако не се решат овие проблеми следниот крст кој ќе го ставите во Скопје може да го сметаме за надгробен на градот.