Фестивалот „Земјотрес“ годинава нема да се одржи во Скопје. По 13 години континуитет, алтернативниот и независен музички фестивал што од 2012 година беше една од клучните платформи за домашната сцена, нема да го реализира своето 14-то издание во главниот град, поради, како што соопштуваат организаторите, сериозно влошените услови за соработка со Младинскиот културен центар и долгогодишните институционални пропусти во културните политики.
Луѓето зад фестивалот „Земјотрес“ потсетуваат дека настанот започнал во 2012 година со јасна идеја – секоја година да го промовира најсвежото и најквалитетното од домашната алтернативна и независна музичка сцена. Во изминатите повеќе од десет години, „Земјотрес“ израсна во еден од ретките континуирани DIY фестивали во земјава, целосно независен и без комерцијални спонзорства.
Како плодна почва за музика, велат организаторите, Македонија годишно продуцира меѓу 50 и 100 музички изданија, понекогаш и повеќе. Токму затоа, секоја година на три бини, во рамки на една вечер, настапувале меѓу 20 и 25 селектирани изведувачи: бендови, соло артисти, продуценти на електронска музика и диџеи.
„Досега на ‘Земјотрес’ настапија повеќе од 200 артисти, а фестивалот редовно го посетуваа меѓу 1.800 и 2.500 луѓе годишно. ‘Земјотрес’ е независен фестивал кој опстојува исклучиво од продажба на влезници и од условите за соработка со Младинскиот културен центар“, наведуваат организаторите.
Сепак, тринаесеттото издание, одржано во 2025 година, било пресвртница. Фестивалот, како што велат, доживеал „значителен удар“ – од институционалниот партнер, но и од дел од публиката. Тоа било единственото издание со околу 50 проценти помала посетеност во споредба со сите претходни години.
Организаторите нагласуваат дека „Земјотрес“ функционира во партнерство со МКЦ од самиот почеток, врз основа на договор за соработка кој подразбира заеднички интерес во реализацијата на настанот. Но, во последните неколку години, а особено лани, условите за таа соработка континуирано се влошувале.
„Наместо како етаблиран фестивал со сериозен придонес во музичката сцена да добиваме поголема поддршка, се соочувавме со сè поголеми предизвици. Од фестивал кој добиваше разумни технички услови, дојдовме до ситуација сè да покриваме сами – од опрема и техничари, преку промоција, до обезбедување на просторот. На последното издание не добивме ни основни услови, како вода за музичарите“, посочуваат тие.
Дополнително, велат дека се соочиле со слаба соработка во делот на промоцијата на социјалните мрежи и нефункционален систем за продажба на билети токму во клучните моменти за фестивалот. Поради тоа, од година во година станувало сè понереално да се потпишува нов договор за соработка.
Организаторите нагласуваат дека состојбата во МКЦ директно се пресликува и врз фестивалот, но дека одговорноста не може да се лоцира само таму. Тие упатуваат и на лошите културни политики на Град Скопје, кои со години влијаеле врз функционирањето на институцијата.
Како илустрација, посочуваат на драстичниот пад на буџетот за програмски активности на МКЦ: од 34 милиони денари во 2020 година, на 22,2 милиони во 2021, 14,4 милиони во 2022, 4,5 милиони во 2023, околу 5 милиони во 2025, и 6,4 милиони денари годинава. Токму во 2023 година следуваа и јавни реакции, музичко-протестен собир и пораката „културата е скапа, некултурата уште поскапа“, што подоцна се артикулираше и преку иницијативата „Сите за МКЦ“.
Од „Земјотрес“ потенцираат дека МКЦ е организиран и од работници во културата од неинституционалниот сектор, но дека поддршката од институцијата е од клучно значење. Според нив, фестивалите како „Земјотрес“ се заеднички интерес за културата, градот и државата.
„Наместо да одиме напред и да одржуваме континуитет на докажани културни вредности, ние сме во целосно уназадување. Поради тешката состојба на институцијата и фактот дека МКЦ е единствениот соодветен простор во Скопје за ваков формат, годинава сме приморани да не го одржиме фестивалот“, стои во соопштението.
Сепак, организаторите најавуваат дека работат на алтернативно, специјално фестивалско издание кое ќе се одржи надвор од Скопје.
„За Скопје – ќе чекаме подобро време. ‘Земјотрес’ ќе се врати кога ќе се врати МКЦ. Кога ќе се вратат посетителите. Кога МКЦ повторно ќе им припаѓа на сите нас. Борбата продолжува“, порачуваат тие.
