Од 21 до 29 октомври 2026 година, Скопје ќе биде домаќин на Европското првенство во модерен, џез и класичен балет – еден од најреномираните танцови настани на континентот.
Првенството ќе се одржи во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ и ќе обедини повеќе од 3.500 танчери од над 30 европски држави.
Настанот е во организација на студиото „Брејк А Лег“, кое најавува девет дена интензивна програма со натпревари во различни танцови дисциплини, како и дополнителни културни и промотивни активности. Целокупниот концепт се реализира под слоганот „Место каде што елеганцијата се среќава со традицијата“, ставајќи акцент на спојот на современиот танц со македонскиот културен идентитет.
Како дел од најавата на првенството, веќе се објавуваат и официјални промотивни видеа. Во првото видео настапува Стефанија Гаштарска, првата македонска балерина со настап на легендарната сцена на Болшој театарот во Москва. Видеото е реализирано од Ненад Смиљковиќ, со оригинална музика на композиторот Александар Јовевски, а во визуелниот израз се вклучени и фолклорни играчи кои ја симболизираат македонската традиција.

Организаторите најавуваат присуство на голем број странски гости, тренери и љубители на танцот, што дополнително ќе придонесе за промоција на Скопје и Македонија како значајна културна и туристичка дестинација. Првенството има за цел да го зајакне развојот на танцот како уметничка и спортска дисциплина и да ја позиционира Македонија како релевантен фактор на европската културна сцена.