Скопје на 29 и 30 април ќе биде домаќин на Европскиот форум за културна мобилност 2026, настан што годинава ќе биде посветен на прашањето за праведност во културната мобилност. Форумот го организира европската мрежа On the Move, во партнерство со Кооператива, регионална платформа за култура, а во фокусот ќе бидат системските ограничувања што влијаат врз движењето, создавањето и учеството на уметниците и културните работници во европскиот културен простор.
Според најавата на организаторите, форумот ќе ги преиспитува визите, економските нееднаквости, институционалните бариери и различните форми на исклучување што особено ги погодуваат авторите и организациите од земји што не се дел од Европската Унија, меѓу кои и државите од Западен Балкан. Целта е да се отвори поширока дебата за тоа како културната мобилност да не остане привилегија за мал број избрани, туку да се третира како основно право.
Настанот на 29 април ќе започне во Албанскиот театар во Скопје, а попладневниот дел од програмата ќе продолжи во Младинскиот културен центар. Предвидени се панел-дискусии и тематски разговори за уметничка автономија, резиденцијални програми, градење правичност, финансирање на мобилноста и визи, со учество на говорници и модератори од различни европски организации и културни мрежи.
На 30 април, форумот ќе понуди и четири паралелни културни посети низ Скопје, преку кои учесниците ќе можат поблиску да се запознаат со локалната уметничка сцена. Во оваа програма се вклучени Faculty of Things that Can’t Be Learned и АКТО, Центар Јадро, Локомотива, како и музичка сесија со Creative Europe Desk – North Macedonia, Password Production и Лабораториум.
Организаторите посочуваат дека одржувањето на форумот во Скопје е важен сигнал дека регионалните перспективи мора да бидат дел од европските културни политики, особено кога станува збор за правичен пристап до ресурси, можности и меѓународни соработки. Во таа насока, форумот треба да послужи и како простор за создавање препораки и за зајакнување на гласовите на оние што најсилно ги чувствуваат последиците од неправдите во културната мобилност.
Регистрацијата за форумот е отворена, а On the Move на официјалната страница ги повикува сите заинтересирани да се пријават за учество во дискусијата за иднината на културната мобилност во Европа и надвор од неа.