Антон Корбајн го отвора „Скопје Синема Сити“ во МКЦ

Единаесеттото издание на фестивалот за музички документарци „Скопје Синема Сити“ вечерва ќе го отвора Антон Корбајн со култниот филм „Контрола“ – приказна за фронтменот на Joy Division.

Вечерва во киното „Фросина“ при Младински културен центар (МКЦ), со почеток во 19 часот, започнува 11. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кој годинава ја поставува Холандија во фокус.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Контрола“ (Control, 2007) на Антон Корбајн – култниот холандски режисер и фотограф познат по своите портрети на музички ѕвезди и по своите влијателни видеоспотови. Корбајн е лауреат на овогодинешното издание, а фестивалот ќе му ја додели награда за животно дело за неговиот придонес во фотографијата, музиката и филмот.

Филмот „Контрола“ ја раскажува биографијата на Ијан Кертис, фронтменот на постпанк бендот Joy Division, чиј меланхоличен звук го обележа духот на една генерација. Снимен во впечатлива црно-бела естетика, филмот го прикажува Кертис како симбол на младешкиот немир и уметничката ранливост – визуелна поезија на меланхолијата, како што ја опишуваат критичарите.

Покрај „Контрола“, фестивалската програма на 29 и 30 октомври ќе понуди избор од филмови што ја слават музичката автентичност:
– документарецот „Бимхаус блуз“, посветен на легендарниот џез клуб во Амстердам;
– анимираниот филм „Мајчински инстинкти“ на Ема Зафировска;
– и „Македонски дневник во рими“, проект на Види Вака кој ја истражува хип-хоп сцената во Македонија.

Во рамките на фестивалот, на 1 ноември во 19 часот во Јавна соба, ќе биде отворена фотографската изложба на Ненад Георгиевски со наслов „Географии, лица и улици“, која преку визуелниот израз ги поврзува урбаните и културните простори низ кои патува музиката.

„Скопје Синема Сити 2025“ се одржува со поддршка од Амбасадата на Холандија во Македонија и Министерството за култура и туризам, а дизајнот на плакатот е дело на Милица Коцева.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни