Skopje Calling ветува дека со светски музички ѕвезди ќе го „запали“ градот, на 7 јули, за кога е закажана најголемата фестивалска журка која ќе му се случи на Скопје летово. Како и досега со изборот за овој фестивал тие секогаш настојуваат да ги задоволат музичките апетити на публиката.
Како најголем настан оваа сезона во Скопје, со артисти како Nina Kraviz, Laibach, Konstrakta & Zemlja Gruva, Buč Kesidi и Nipplepeople, сосема oчекувано е овогодинешното издание на Skopje Calling 2023 да предизвика огромен интерес.
Како што велат организаторите на овој спектакл досега има неочекувано извонредна продажба и на тој начин Скопје покажува дека е желно за квалитетна музика и добар настан.
Околу начинот на избор на програма, околу интересот на публиката и предизвиците да се донесат светски ѕвезди во Македонија поразговаравме со Бобан Милошески од Авалон продукција, организатор на фестивалот.

Трн: Осмо издание на Скопје Колинг, што е ново и различно секое издание на овој музички спектакл?
Бобан: За разлика од Охрид Колинг, каде е јасно дека се работи за класичен ЕДМ фестивал, Скопје Колинг е едноставно конципиран така што секоја година има артисти од различен тип и жанр, зависно од тоа што ни се работи таа сезона. Целта е, колку што е таа мистериозност возбудлива за нас, толку да е и за публиката во Скопје.
Трн: Колку е тешко да се донесат во Скопје музички ѕвезди од надвор?
Бобан: Многу е тешко да се донесат во Скопје музички ѕвезди од надвор; излезете и прошетајте низ град, пуштете вести на телевизија, слушнете каква е состојбата во било кој сегмент во државава… од сите тие фактори може да се констатира колку е тешко да се убеди артист да дојде да настапува во Македонија во моментов.
Трн: Со кои предизвици се соочувате при организација на овој настан?
Бобан: Немаме никакви предизвици, затоа што на ова ниво на работа нема експерименти, туку едноставно мора да ги исполниш барањата на изведувачите… кога е тој дел на организацијата во прашање. Потешкотиите се во четири сегменти: 1) да го убедиш агентот изведувачот да дојде во Македонија, 2) да можеш тоа финансиски да го испратиш, 3) да продадеш влезници и 4) да најдеш спонзори.

Трн: На кој начин се прави селекција на музичките имиња? Дали се водите од тоа да се актуелни во годината кога ги носите или и други работи се пресудни?
Бобан: За нас е важно изведувачот да е на турнеја и да е активен во моментот; Aвалон Продукција отсекогаш се трудела да носи изведувачи кои во моментот имаат што да кажат преку нивната музика со нов материјал – тука годините на артистот се крајно небитни. Постојат артисти кои се во своите 70ти и 80ти, а се многу поопотентни и поактивни со нов материјал од оние кои се во своите 20ти.
Трн: Колку публика очекувате, има ли воопшто интерес?
Бобан: Скопје Колинг е за жал единствениот голем и сериозен настан оваа година во Македонија… така што, и кога продажбата на влезници не би била сјајна и на фестивалот би немало повеќе од 5 – 6 илјади публика, тоа би зборело лошо за Скопје и Македонија.
Трн: Дали ќе биде доволен Стадионот на АРМ?
Бобан: Апсолутно да, затоа што на Стадионот на АРМ собира многу повеќе луѓе од што изгледа на прв поглед.
Трн: Кој ќе го отвори, а кој ќе го затвори настанот?
Бобан: Се’ уште не се знае кој ке го отвори, но јасно е дека ќе го затвори Nina Kraviz во раните утрински часови.
Nina Kraviz во Скопје има настапувано неколку пати а годинашното гостување е во рамки на нејзината турнеја, која започна на 23 јуни и посета на Букурешт, ден пред Skopje Calling ќе биде и на Exit во Нови Сад, Србија. Потоа продолжува на Ибица и Обединетото Кралство.