Скопје влезе во нова фаза од подготовките за титулата Европска престолнина на културата 2028, со објавување на отворен јавен повик за културни проекти кои ќе станат дел од официјалната програмска рамка во наредните години. Повикот е грантовски и има за цел да вклучи што поширок круг на културни актери во процесот на креирање на програмата за годината кога градот ќе ја носи европската културна титула.
Аплицирањето се одвива исклучиво онлајн, а рокот за поднесување на проектните предлози е 29 март 2026 година.
Кој има право да аплицира?
Право на учество имаат поединци и правни субјекти од културниот и креативниот сектор. Повикот е отворен за: индивидуални уметници и културни работници, невладини и граѓански организации, јавни и приватни културни институции, уметнички колективи и неформални иницијативи, образовни и истражувачки организации, како и други субјекти кои активно делуваат во областа на културата и креативните индустрии
Може да се аплицира со проекти од различни уметнички области – визуелни уметности, театар, музика, литература, филм, изведбени уметности, но и со интердисциплинарни, дигитални и community-based проекти. Посебно се охрабруваат иницијативи што вклучуваат активно учество на заедницата, европска соработка и долгорочно влијание врз локалната културна сцена.
Тематски фокус: пет програмски столбови
Сите пријавени проекти треба јасно да се вклопуваат во една од петте тематски програмски линии на „Скопје 2028“: Art4Hope – културата како простор за надеж, дијалог и општествена трансформација; Togetherness – заедништво, социјална кохезија и вклучување на различни заедници; rECOvering –обновување на јавни простори, нови културни практики и урбана трансформација; CreARTing – развој на креативни индустрии, нови модели на продукција и културна иновација; како и на програмата Heritage – современо читање, активирање и преосмислување на културното наследство.
Во фокусот се проекти што носат јасна европска димензија, поттикнуваат меѓународна соработка и создаваат трајни ефекти – не само за 2028 година, туку и по неа.
Како ќе се одвива селекцијата?
Процесот на избор ќе се спроведува во две фази. Во првата фаза, апликациите ќе ги разгледува стручен тим поврзан со организациската структура на „Скопје 2028“, кој ќе ја проверува формалната усогласеност, квалитетот на апликацијата и програмската релевантност.
Во втората фаза, финалната селекција ќе ја врши жири составено од домашни и меѓународни експерти, вклучително и уметнички раководител. Целта е изборот на проекти да биде во согласност со европските стандарди и принципите на програмата „Европска престолнина на културата“.
Што значи титулата „Европска престолнина на културата“?
Иницијативата „Европска престолнина на културата“ постои од 1985 година и претставува една од најзначајните културни програми на Европската Унија. Таа има за цел преку културата да поттикне урбана, социјална и економска трансформација на градовите-домаќини.
За Скопје, оваа кандидатура има амбиција да ја зајакне локалната културна инфраструктура, да создаде нови партнерства, да отвори простор за иновација и да го позиционира градот како активен и релевантен учесник во европската културна мрежа.
