Скопје под чад, Македонија во жолта фаза: Огнот не стивнува, а воздухот станува опасен

Скопје вечерва се гуши под наездата на густ чад што како челична завеса се спуштила над градот.

Погледот од Милениумскиот крст открива застрашувачка глетка – метрополата едвај се гледа, задушена од чадот што се шири од сите страни. Сцената потсетува на природна катастрофа.

Според податоците од платформата „Мој воздух“, загадувањето во Скопје достигна жолто ниво, што укажува на умерена опасност по здравјето на целото население.

Во исто време, низ земјата продолжуваат да се шират пожари, од кои голем дел се тешко достапни и агресивни. Државата се соочува со огнена криза од невидени размери. И покрај огромните напори на пожарникарските служби, армијата и доброволците, битката со огнот не е добиена. До попладневните часови, активни биле петнаесет пожари – некои жестоки и сè уште неконтролирани, други делумно ставени под контрола, а неколку, среќно, изгаснати.

Најсериозната состојба е во југоисточниот и централниот дел од државата. Шумите кај Василево, Радовиш и Берово се во пламен, особено кај Нивичино и Малешевските Планини, каде што тешкиот терен и густата вегетација ги прават интервенциите речиси невозможни. Во Македонски Брод, пожарите зафатија неколку фронта и се движат неконтролирано низ сува трева и деградирани шуми, додека силниот ветер дополнително го подгрева пламенот.

Во Прилеп, пожарот кај селото Бешиште сè уште е активен, а низ регионот Желино, Церово и Групчин, огнот се спушта по падините, создавајќи нови жаришта. Особено драматично е во Демир Капија, каде што пламени јазици се приближија до тунелите на автопатот Е-75, заканувајќи се и на сообраќајната безбедност. Огнот не ги поштеди ниту општините Липково и Прилеп, каде што пламнаа стрништа и ниска вегетација.

Пожарите кај Латово во Македонски Брод, Радобилски Рид и правецот Штавица–Чумово–Прилепец конечно се под контрола, додека во Ресен, кај селата Шурленци и Езерани, ситуацијата е стабилизирана. Четири пожари – во Гостивар, Велес, Дојран и Куманово – се целосно изгаснати, со посебен успех во селото Николич кај Дојран и во реонот меѓу Џидимирци и Иванковци.

Едно е сигурно, ризикот од повторни пожари останува висок, особено поради сушното време и променливите ветрови. Државата во моментот е ставена под жолта фаза на опасност, што значи среден до висок ризик и потреба од постојана подготвеност. Апелите за внимателност, особено забраната за палење огнови на отворено, остануваат на сила.

Во сенка на овие шумски катастрофи, попладнево избувна уште еден пожар, овојпат во куќа лоцирана во центарот на Кочани, на улицата „Браќа Ставреви“. Благодарение на брзата реакција на локалната противпожарна единица и доброволците, огнот е изгаснат, но три лица се хоспитализирани поради вдишување на чад. Иако нивната состојба не е животозагрозувачка, причините за пожарот сè уште се испитуваат.

Додека државата гори, а воздухот станува невидлив непријател, Македонија влегува во критична фаза. Природата, службите и граѓаните се ставени пред најголемиот предизвик во последните години.

Извор: Plusinfo.mk/Antropol.mk

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни