Скопје опасна зона: Зеленилото запуштено, ѓубре на сите страни, јавните претпријатија во колапс

Во Скопје не ве демнат само урбани проблеми, туку и треви до колена, гранки над глава и змии во сенката на неодржуваните паркови. Додека зелените површини во градот венеат без надзор, патеките на Водно стануваат ризични, а јавните претпријатија тонат во нефункционалност.

Најновите одговори од ЈП „Паркови и зеленило“ за порталот „Трн“ ја разоткриваат суровата реалност: само 15 луѓе дневно се на терен за да се справат со потребите на цело Скопје, со две дотраени платформи и два камиона. За Водно, најпосетената рекреативна зона во градот, се грижат едвај шестмина работници и уште толку чувари, без надлежност за безбедносна сигнализација или инфраструктура.

На прашањето дали градот има мапа на сите зелени површини и нивниот статус, добивме префрлање на одговорноста кон Град Скопје. Тоа значи дека не постои интегрирана, дигитална алатка каде граѓаните би можеле да добијат слика за тоа каде има зелено, што е запуштено, и што е во тек на санација. Таков вид алатка би требало да биде минимум за град кој тежнее да биде европска престолнина на културата во 2028.

Наместо долгорочен акционен план, претпријатието работи со неделни планови кои се менуваат од ден за ден. Велат дека условите се променливи – што е точно – но токму затоа е потребна поголема адаптибилна стратегија, а не краткорочна импровизација. Климатските промени нема да чекаат следна недела.

Одговорите укажуваат дека „Паркови и зеленило“ не може самостојно да сече дрвја, туку тоа го прави по налог на Градот. Проблемот е што нема јасен систем за транспарентна експертска проценка – се чекаат 15 дена да поминат од објава на одлука на веб-страницата. Колкумина граѓани секојдневно ја проверуваат веб-страницата на Градот?

Секторот Дрвореди има само 20 работници и два камиона. Тоа значи дека во најдобар случај може да се интервенира фрагментарно, не системски. Скопје има над 500.000 жители – ова е алармантно несразмерен однос.

Во однос на системите за полевање – не се споменува автоматизација, паметно наводнување или модерни решенија. Само „редовна поправка на дефекти“. Тоа значи дека инфраструктурата не се обновува, туку се лепи.

На Водно, кое е белите дробови на Скопје, има само 6 работници и 6 чувари. Сигнализацијата не е под нивна надлежност, а нема систем за јавна пријава на проблеми од терен. Очекувајте патеки со корени, гранки на патот, и недостаток од безбедносни знаци – без можност институциите да дознаат на време.

Ниту за Водно, ниту за парковите нема јавна платформа каде граѓаните може да пријават штети, инциденти или запуштени делови. Тоа значи дека целата комуникација се одвива преку телефон и е-маил, а одговорот зависи од расположивите ресурси – кои се сведени на минимум.

Иако велат дека се насадени 7.652 дрвја, не добивме бројка за тоа колку од нив преживеале. Статистика за преживување на садници е подеднакво важна како и бројот на засадени дрвја.

Зелени површини, ниту збор за тоа. Одговорот беше дека во моментов се уредува кејот во Карпош и Аеродром. А што е со Кисела Вода, Ѓорче, Шуто Оризари, Бутел? Нема ниту најава, ниту визија за тоа.

Ова е симптом за колапс на системот – недостиг од визија, дигитализација, кадар, механизација и одговорност. Во вакви услови, секој засаден цвет е херојство. Но не ни требаат херои – ни треба функционирачки град.

Одредување приоритети? Нема стратегија, туку „неделен план“ што се менува според временските услови. За сеча на дрвја се чека административно решение, но јавноста ретко знае кога и зошто се сече — освен ако лично не го следи веб-сајтот на Град Скопје.

Иако се засадени илјадници дрвја и цвеќиња, нема информација колку од нив преживеале. А она што преживеало, честопати останува да вене без доволна грижа.

Патеките на Водно се чистат најчесто еднаш до два пати годишно, а за оштетувања, паднати гранки и опасности граѓаните треба сами да се снаоѓаат – нема апликација, нема систем. Од ЈП „Паркови и зеленило“ велат дека реагираат на повици, мејлови и пораки на социјалните мрежи – но, тоа е далеку од системска грижа.

Во меѓувреме, други јавни претпријатија се во уште подлабока криза. ЈСП работи со сè помалку автобуси, сè понеуредни возила и речиси никаква доверба од граѓаните. „Комунална хигиена“ се бори со отпадот, но ѓубрето е сè почесто дел од градската сцена – на улици, покрај контејнери, во паркови и детски игралишта.

Во меѓувреме, Универзална сала се запали, а од ветената реконструкција остана само слика од макета. Нема ниту збор за програма за Скопје 2028 – кога градот треба да биде Европска престолнина на културата.

Во оваа слика на неорганизираност, недостиг од визија и распаднати служби, единственото што успева да израсне се тревата, коровот и чувството дека некој веќе одамна го има напуштено градот.

А Скопје, запуштено и жедно за грижа, вика за елементарна одговорност. Но кој слуша?

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни