Во ера на урбана експанзија и климатски предизвици, неопходно е градовите да се развиваат не само брзо, туку и паметно. Ова значи подобрување на пристапот до достапно домување и основни услуги, развој на одржлив транспорт, управување со отпад, заштита на културното и природното наследство и зголемување на квалитетот на воздухот и јавните зелени површини. Светската популација постојано расте. Затоа се потребни модерни и одржливи градови, интелигентно урбано планирање што ќе создаде безбедни, достапни и отпорни градови, со зелени простори и културно инспиративни услови за живеење.
Одржливи градови и заедници, позната и како Цел 11 (SDG 11), е цел на Обединетите нации за создавање урбани средини што се инклузивни, безбедни, отпорни и еколошки прифатливи. Ова подразбира подобрување на пристапот до достапно домување и основни услуги, развој на одржливи транспортни системи, заштита на културното и природното наследство, намалување на еколошкото влијание на градовите преку подобар квалитет на воздухот и управување со отпад, како и унапредување на зелените и јавните простори за жителите.

Скопје прави напори да стане одржлив град, но сè уште заостанува зад водечките европски градови како Копенхаген, Виена и Стокхолм. Квалитетот на воздухот останува сериозен проблем, јавниот транспорт е делумно функционален, а зелените површини и паметното управување со отпад се ограничени. Потребни се поголеми инвестиции во одржлива мобилност, обновлива енергија за Скопје да се доближи до стандардите на водечките одржливи градови во Европа.

Ви интервју за Трн, Бесим Небиу, директор за Централна и Источна Европа на организацијата „Habitat for Humanity“ вели
-Скопје има сериозни предизвици: високите цени на станови, недостиг од социјално и изнајмливо домување, стихијно вгустување и ширење на градот без доволно внимание на инфраструктура и јавни услуги. Овие трендови создаваат длабоки социјални и просторни нееднаквости. Сепак, постојат решенија – обновување на празни и нефункционални згради, развој на социјално домување, планирање на мешани и инклузивни населби. Ако Скопје инвестира во овие политики и го постави достапното домување како приоритет, може да обезбеди многу повисок квалитет на живот за сите жители.

Зошто ни се потребни одржливи градови?
„Одржливи градови и заедници“ има за цел да ги направи градовите и населените места инклузивни, безбедни, отпорни и одржливи. Ова вклучува обезбедување пристап до основни услуги, чиста енергија, достапно домување, одржлив транспорт, ефикасно управување со отпад, чист воздух и зелени јавни површини — сето тоа со намалена потрошувачка на ресурси и влијание врз животната средина.
Клучен индикатор на Еуростат за мерење на напредокот на ЦОР 11 е стапката на рециклирање на комунален отпад, што вклучува рециклирање и подготовка на материјали за повторна употреба.
Во 2008 година, стапката на рециклирање во ЕУ изнесуваше 36,6%. До 2018, се зголеми на 46,4%.Во 2023, достигна 48,2%, иако највисока била во 2021 со 49,9%.
И покрај овој напредок, ЕУ сè уште е под својата поставена цел од 60% рециклирање на вкупниот комунален отпад до 2030 година.

Топ 10 одржливи градови во Европа: Водечки примери и иновации
И покрај предизвикот, Европа е водечки регион во создавање на одржливи и паметни градови. Многу европски метрополи успешно користат напредни технологии и иновативни пристапи за да ги подобрат условите за живеење, да го намалат загадувањето и да го зајакнат учеството на граѓаните.
Ова се десетте најдобри примери на вакви градови.
1. Копенхаген, Данска
Копенхаген има амбициозна цел да стане првата климатски неутрална престолнина до 2025 година. Градот применува AI технологии за намалување на потрошувачката на енергија, паметни системи за следење на квалитетот на воздухот и улично осветлување, и активно ги вклучува граѓаните преку отворени податоци.
2. Стокхолм, Шведска
Стокхолм цели да стане најпаметниот и климатски неутрален град до 2040. Со проекти како Хамарби Шјостад и Кралскиот пристанишен кварт, градот интегрира обновливи извори, паметен транспорт и управување со отпад. Граѓаните се активно вклучени преку отворени платформи и партнерства со технолошки компании.
3. Виена, Австрија
Виена се стреми кон климатска неутралност до 2040. Половина од територијата на градот е зелена површина, а јавниот транспорт е еден од најразвиените и најдостапни во Европа. Виена користи паметни системи за сообраќај, вода и отпад, како и напредна е-мобилност.
4. Хелсинки, Финска
Хелсинки има визија да стане најфункционален град во светот до 2025 година. Со дигитален близнак на градот, паметни згради и системи за ефикасна мобилност, Хелсинки се справува со климатските предизвици и го подобрува квалитетот на живот.
5. Амстердам, Холандија
Амстердам е еден од најиновативните градови во Европа со силен фокус на кружна економија и дигитална соработка. Платформата Amsterdam Smart City поврзува илјадници чинители во развој на паметни решенија за инфраструктура, отпад, енергија и мобилност.
6. Цирих, Швајцарија
Цирих користи IoT за управување со отпад, сообраќај и осветлување. Градот инвестира во електрични возила, обновлива енергија и паметни јавни услуги, со цел да создаде одржлива и модерна урбана средина.
7. Барселона, Шпанија
Барселона е пионер во користење на IoT за управување со урбани системи. Со илјадници сензори за воздух, вода, бучава и енергија, градот ја зголемува ефикасноста и намалува загадувањето. Паметното осветлување и водоводните системи се дел од нејзиниот „Smart City“ модел.
8. Фрајбург, Германија
Познат како „Зелениот град“, Фрајбург користи 100% обновлива енергија, развива кар-без квартови и инвестира во соларна и ветровна енергија. Јавниот транспорт и велосипедизмот се во сржта на градското движење.
9. Осло, Норвешка
Осло цели да ги намали емисиите на CO2 за 95% до 2030. Градот го електрифицира јавниот транспорт, гради згради што произведуваат повеќе енергија одошто трошат, и користи отворени податоци за да ја подобри климатската свест кај граѓаните.
10. Никозија, Кипар
Никозија е на пат да стане првиот целосно интегриран паметен град во Кипар. Со помош на IoT технологии, се подобрува квалитетот на воздухот, управувањето со отпад и мобилноста. Целта е да се трансфорира урбаниот живот преку дигитален близнак на градот и паметна инфраструктура.

Овие десет европски градови покажуваат дека иновацијата, технологијата и одржливоста можат заедно да создадат подобри, поздрава и поеколошка иднина за урбаните заедници. Тие се модели што треба да се следат од сите градови што сакаат да одговорат на предизвиците на 21 век.
Создавањето одржливи, инклузивни и отпорни градови е клучна задача за иднината на урбаните заедници. Примерите од водечките европски градови покажуваат дека иновациите, паметните технологии и посветеноста кон животната средина можат значително да го подобрат квалитетот на живот. За Скопје и другите градови во регионот, предизвикот е голем, но и можностите се бројни — преку подобро планирање, поддршка на достапно домување и унапредување на јавниот простор, можеме да изградиме места каде сите ќе се чувствуваат безбедно, вклучено и мотивирано да се развиваат.
Одржливите градови не се само визија, туку неопходност и одговорност кон сегашните и идните генерации. Секој градски жител може да биде дел од оваа промена – преку поддршка на локални иницијативи, користење одржлив транспорт и грижливо однесување кон околината.