Скопјани ќе протестираат за чист воздух

Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем.

Во вторник, на 10 декември, во 16:00 Зелен хуман град организира протести за чист воздух кои ќе започнат пред Министерство за животна средина и преку Собрание ќе завршат пред Владата на Република Македонија.

Ова е повикот до грѓаните и барањата од протестите

Протестираме бидејќи секоја година во Македонија се бележат околу 3.828 смртни случаи предизвикани од изложеност на честичките PM2.5, кои се меѓу најштетните за здравјето. Тоа изнесува 17.7% од вкупната смртност во државата. Овие честички се поврзани со широк спектар на здравствени проблеми, како што се белодробни заболувања, срцеви удари и рак на белите дробови.

Особено загрижувачки е дека еден од девет смртни случаи кај деца до една година во Македонија е поврзан со загадениот воздух!

Загадувањето во Скопје и другите градови во Македонија со години е проблем на сите жители, а со тоа и на секоја власт. Колку побрзо се почне со спроведување мерки кои меѓусебно се надополнуваат и си го зголемуваат позитивниот ефект врз квалитетот на воздухот – толку побрзо ќе го решиме овој долгогодишен проблем.

Бараме од надлежните институции, Владата наРепублика Македонија и општините да преземат итни и среднорочни мерки за справување со загадувањето на воздухот. Граѓаните нема веќе да толерираат неодговорно однесување кон еден од најгорливите проблеми со кои се соочуваме!

Итно постапување

1. Бараме Владата да ја задолжи Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) да започне со прогнозирање на температурни инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето.

Температурните инверзии се природен феномен во котлини и не дозволуваат генерираното загадување да излезе од нив. Тие најчесто се формираат при студено време, затоа аерозагадувањето е најизразено во зима.

Во котлини опкружени со планини како Скопје, Тетово, Битола и други, природниот проток на воздух е блокиран, што доведува до намалена циркулација. Во зимскиот период без ветер, воздухот станува “заробен,” а ниските температури го прават густ и неподвижен. Како последица, штетните честички од домаќинствата, возилата и индустријата остануваат густо заробени во воздухот наместо да се расеат или кренат нагоре. За разлика од летото, кога повисоките температури ја поттикнуваат циркулацијата на воздухот и го разредуваат загадувањето.

2. Јавно да се објави регистар со правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат. 

Јавниот регистар ќе овозможи транспарентност, следење на напредокот и спречување на работа на субјекти кои не ја имаат дозволата согласно со Законот за инспекциски надзор. Особено загрижувачки се компаниите како Евротим, која увезуваше гориво со штетни хемикалии за користење во јавни институции. 

За големите загадувачи како Усје и Макстил, ваквите дозволи се клучни за ефективната контрола на емисиите на прашина, сулфур диоксид и други загадувачи. Во случајот со Дрисла, проблемите со управувањето со отпадот и незаконското горење на отворено дополнително ја влошуваат ситуацијата со загадувањето на воздухот и почвата. ОХИС, пак, претставува сериозна закана за животната средина поради присуството на опасни хемикалии, за кои е неопходно внимателно следење и контрола на загадувањето.

3. Забрана за сообраќајни ленти на булеварите пошироки од минимумот според чл. 145 став (2) алинеја 2 од Правилникот за урбанистичко планирање – 3 метри (соодветно за ограничувањето во населени места 50 km/h).

Ако се земе предвид основата на сообраќајната теорија – за секој 1% зголемување на обемот на сообраќајната инфраструктура за автомобили, правопропорционално (за 1%) се зголемува бројот на автомобили [3], се доаѓа до неизбежниот заклучок колку повеќе и колку пошироки улици – толку повеќе автомобили. Ова се нарекува „изнудена побарувачка“ и иако на оние кои немаат експертиза во сообраќај им делува логично дека проширувањето на улиците ќе го намали метежот, во реалноста секоја нова улица се пополнува со нови автомобили и повторно се создава метеж и застој. Следствено, автомобилскиот сообраќај мора да се демотивира во комбинација со мерки со кои се мотивираат велосипедскиот сообраќај и користењето на јавниот превоз.

4. Бараме да се забрани увозот на користени возила постари од 10 години и под „ЕУРО 5“ стандард во земјава, а увозот на нови возила да е со минимален „ЕУРО 6“ стандард. 

Одлуката да стапи на сила на 1.1.2025 година. Во регионов вакви услови имаат воведно Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора. Заштитата на здравјето на граѓаните потребна е да биде пред сè. Барање-мерка од O2 Иницијатива.

5. Бараме да се изработи план за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа. Спроведувањето треба да подразбира координација помеѓу општините (Град Скопје, Битола, Тетово и други) и МВР. Планот задолжително треба да вклучува намалување на цената на јавниот сообраќај во деновите со алармантно зголемено загадување. Барање-мерка од Skopje Smog Alarm.

6. Бараме да се усвои Правилникот за планирање, проектирање, изградба и одржување на велосипедска инфраструктура изработен од Здружението за одржлив развој и заштита на животната средина Go Green – Биди Зелен. 

Користењето на моторни возила секојдневно ја зголемува концентрацијата на штетни честички во воздухот, што директно влијае на нашето здравје. Затоа, потребно е веднаш да се усвои правилникот за планирање, проектирање и изградба на велосипедска инфраструктура. 

Овој правилник ќе овозможи создавање на безбедни и одржливи велосипедски патеки во сите градови, што ќе ги поттикне граѓаните да користат велосипеди наместо возила. Така, ќе се намалат емисиите на CO2 и другите загадувачки материи, што ќе доведе до значително подобрување на квалитетот на воздухот. Секојдневната употреба на велосипеди, наместо автомобили, има директен ефект на намалување на загадувањето и бројот на заболувања поврзани со тоа.

Среднорочни мерки

1. Бараме поставување на густа локална мрежа од мерни станици, по една на максимум 1.500м2, со приоритет на обиколување индустриски капацитети и погони (А и Б-интегрирани дозволи). Клучно е да има јавно достапни податоци во реално време за степенот на загаденост околу индустриските капацитети. Со оваа мрежа ќе се обезбедат индикативни податоци, врз основа на кои инспекциските служби на Градот Скопје ќе може да иницираат надзор заедно со Државниот инспекторат за животна средина или самостојно. Предлог-мерка AirCare – Air Quality & Pollen App.

2. Бараме изградба на сеопфатна велосипедска мрежа на секои 250 метри, со хиерархија налик на таа од автомобилската мрежа: примарна вело-мрежа со патеки/ленти со повисока минимална ширина (2,5 метри наместо 1,5 метри), секундарна мрежа со потесни патеки, улици со споделен простор, a со приоритет на велосипедски сообраќај итн. Оваа мерка се одвива паралелно со стеснувањето на ширината на автомобилските ленти. Ширината која се одзема од автомобилите им се додава на велосипедистите. Предлог-мерка НаТочак – NaTochak.

3. Бараме јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините да преминат на фотоволтаични системи. 

Во Македонија, Шанса за Центар мапираше над 700 јавни објекти кои се греат на мазут и нафта што значително го зголемува загадувањето на воздухот. Ова има сериозни здравствени последици и дополнителни трошоци за државата. Примената на фотоволтаични системи е клучна за намалување на загадувањето, бидејќи користат обновлива и еколошки чиста енергија од сонцето. Еднократната инвестиција во овие системи нуди долгорочна бесплатна енергија, значително намалувајќи ги и загадувањето и енергетската криза во исто време. Во развиените земји, ваквите системи се веќе имплементирани на јавните објекти, поставувајќи пример и за приватниот сектор. Фотоволтаиците ќе ја намалат загаденоста, ќе создадат нови работни места во секторот на обновливата енергија и ќе заштедат милиони во градските буџети.

4. Субвенции за ФВ системи за индивидуални домаќинства

Образложение: Оваа и следната мерка се насочени кон намалување на загадувањето од домаќинствата. Субвенционирањето ФВ системи за индивидуални домаќинства е клучен механизам со кој ќе се спречи енергетската сиромаштија. Дел од скопјани кои набавија инвертери со субвенциите не беа во можност да ги користат поради енергетската криза. За да се надмине овој проблем, ЗХГ паралелно работи на мерки на централно ниво, како зголемување на прагот на дозволена инсталирана моќност (моментално само 6kw се дозволени за домаќинствата кои сакаат да враќаат назад во мрежата) и демонополизација на ресурсот.

Анализите со кои се обвинуваат домаќинствата како главен извор на загадувањето во текот на зимските месеци имаат низа недостатоци. Но, иако не е утврден точниот удел на загадувањето од загревање на домаќинствата, субвенциите за обновливи извори обезбедуваат енергетска правда и намалуваат загадување, особено во населените места каде што се користи дрва или биомаса за греење.

5. Субвенции за енергетски ефикасни фасади на објекти за индивидуално домување

6. Систем за самоизнајмување велосипеди

Постојат градови во кои системот за самоизнајмување велосипеди е поврзан со мобилна апликација. Низ градот би постоеле точки на кои може да се преземе или да се остави велосипедот. На тој начин би имале на располагање едноставен процес и постојано достапни велосипеди, што би било голем поттик за граѓаните да изберат ваков тип на превоз.

7. Високоразвиен јавен превоз издвоен од останатиот сообраќај. Стратегија добиена низ партиципативен процес и базирана на факти.

„Може да има моменти кога сме немоќни да спречиме неправда, но никогаш не смее да има момент кога ќе пропуштиме да протестираме.“ – Ели Визел

„Ние, кои имаме можност и глас, мора да ги искористиме 

за да им помогнеме на оние кои немаат ниту едно од двете.“ – Џенифер Донели

Сѐ што треба е само да дојдете и да застанеме рамо до рамо за чист воздух! Скопје мора да дише! Македонија мора да дише!- порачуваат организаторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни