Скопје се гуши

Скопје утринава се најде на шестото место на листата на најзагадени градови во светот според индексот на загаденост, кој изнесува 154, според податоците на платформата „Ај-Кју-Ер“

Интернет алатките ни даваат потврда на она што го доживуваме секоја зима во Скопје – Скопје се гуши во загаден воздух. Во Лисиче мириса на пластика, во Ѓорче Петров на запалена гума, а се помеѓу – на комбинација од двете. Денес Скопје е на шесто место по загаденост меѓу светските метрополи. На листата на 10 најзагадени, доминираат градови од Глобалниот југ, а освен нив тука се Скопје, Сараево и Белград.

Годишно, речиси четири илјади наши сонародници умират од загаден воздух

Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека загадувањето на воздухот убива околу седум милиони луѓе ширум светот секоја година. Девет од десет луѓе дишат воздух под стандардите на СЗО што содржи високо ниво на загадувачи. Земјите со низок и среден приход страдаат од најголема изложеност на загаден воздух. Извештите на Институтот за јавно здравје покажуваат дека годишно, во земјава се губат 3 828 смртни случаи кои можат да се припишат на изложеноста на тековните концентрации на РМ2.5 честички. Тоа изнесува 17.7 % од вкупната смртност во државата.

Како го мериме загадувањето?

Мониторинг мрежата за квалитет на воздухот во земјава ја сочинуваат вкупно 22 мониторинг станици (од кои една мобилна и една рурална позадинска станица во Лазарополе), лоцирани во 14 градови во државата, распределени во 2 зони (Источна и Западна зона) и една Агломерација – Скопје (состојба 2023). Мрежата е управувана од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), Македонски информативен центар за животна средина (МЕИЦ).

Во еден од последните извештаи на ИЈЗ, анализиран е период од 2018 до 2020 година, (сите мерни станици ги мереа концентрациите на PM2.5 но, веќе во 2021 година сите мерни станици ги мерат концентрациите на PM2.5, PM10, NO2, SO2, CO и O3), идентификувани се бројни извори на загадување на амбиентниот воздух како што се: неефикасното согорување во ложиштата во домаќинствата, дотраените системи за централно греење, производство на електрична енергија во старите термоелектрани кои користат лигнит, сообраќајот и застарениот возен парк, несоодветното управување со отпадот и др.

Кој е одговорен?

Се чини дека тоа е прашање за кое е најтешко да се добие одговор. Во сложениот органограм на инспекторати, институти, општински власти и државната влада, приметливо е отсуството на еден, веројатно решавачки фактор: политичка волја нашата држава да се справи со загадувањето. По линија на помал отпор, неретко и во функција на примитвниот нагон на капиталот да се размножува по секоја цена – воздухот станува еден од најголемите убијци во Македонија.

Граѓаните на Скопје се советуваат да ја ограничат физичката активност на отворено и да избегнуваат подолги излагања на воздухот, особено лица со респираторни и срцеви проблеми, деца и постари лица. Во меѓувреме, властите наместо одлучна и рационална акција за справување со загадениот воздух, акција заснована на научни докази и примери кои функционираат на други места, продолжуваат со набројување на опскурни мерки кои наводно се спроведуваат. Мерки кои даваат резултати само како кризен пиар, но не го подобруваат квалитетот на воздухот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни