Годинава, во склоп на 32 издание на Скомрахи на ФДУ ќе се одржа и работилница за развој на колективен перформанс која беше изведена на последниот ден од средбите во Младинскиот Културен Центар. Во создавањето на перформансот, покрај студентите на ФДУ учествуваа сите учесници на Скомрахи, студенти од Факултетот за ликовна уметност, Факултетот за музичка уметност и Одделот за дизајн и инжинеринг на облека на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ- Скопје, студенти од одделите Циркус и изведувачки уметности и Театрска педагогија на Академијата за уметност Фонтис од Тилбург, Холандија, како и неколку уметници од локалната дрег сцена.
Перформанс во развој ,,Дионизија сега” беше дел од завршната програма и за него разговаравме со Моника Ставревска и Бојана Василковска
ТРH: Навраќањето на антиката денес, може да предизвика бурни реакции кај нео-пуританските делови од општеството. Се сеќаваме на отворањето на ЛОИ Париз оваа година и бурните реакции потоа. Како ја одбравте темата за вашата работилница?
Моника и Бојана: Навраќањето кон антиката да биде скандалозно денес е штета и погубно. Зошто мислиме дека сме понапредни и попрогресивни од човекот во тоа време? Се што е сега табу тема, тогаш било дел од општественото/политичко уредување. Сите приказни се создадени во антиката, ние сега само рециклираме и правиме комбинации од истите. Го гледавме отворањето на ЛОИ, видовме луѓе кои имаат несекојдневна, свежа замисла, вложиле труд и време во таа креација и кои поставија прашања. Општествената реакција, беше одговорот. А тоа не зборува за перформансот, туку за тоа ние до каде сме со разбирањето на светот околу нас. Темата ја одбравме бидејќи ни требаше подлога за игра без правила. А Дионисиите се токму тоа, ослободување на духот, младашка енергија, нов бран, надеж и промена. Една голема играгија.
ТРH: Дионизија сега… Како изгледаат современинте Бакхи? Во што веруваат и што сакаат да предизвикаат со нивниот танц и ритуали?
Моника и Бојана: И ние денес се прашуваме истото, дали денес има Бакхи и ако има кои се тие. Сакаме да веруваме дека се помеѓу нас. Си ги замислуваме како луѓе кои никогаш не престануваат да истражуваат и да се развиваат, обични луѓе што љубопитноста ги прави магични. Луѓе, кои би ни откриле некој нов бенд, би ни препорачале филм кои бил инспиративен за нив, би ни предложиле книга која ги натерала да размислат и да се запрашаат. Тие се оние кои веруваат во промена, размена на искуства и бунт против она што им се наметнува како норма.
ТРH: Планирате интензивно творење во петте дена на фестивалот, кои процеси ќе ги започнете, од што се плашите, а на што се надевате?
Моника и Бојана: Започнавме еден заеднички, уметнички процес, кој е синкретизам, со колегите од ФМУ – Лука Јанкулоски, ФЛУ- Бранко Манчев и Павел Николов, Теодора Ежовска која е кореограф и ментор за сценски движења, припадничка од Драг културата во Скопје – Estella Dark и академијата “Фонтис” од Холандија. Она што не плаши е тоа дека нема да се заситиме од играријата во овие 5 дена, а се надевавме дека ќе си најдеме нови Бакхи. И си најдовме.
ТРH: Дали ова ќе ви биде прво исксуство за работа со луѓе од различни земји, култури, па и театарски школи?
Моника и Бојана: Не, ова е веќе трета година за нас како преку Скомрахи дознаваме и работиме со различни култури, различни театарски школи. Секогаш има нешто ново, интересно, несекојдневно. За оваа година сакавме да направиме, ден посветен на секоја земја – гостин. Со тоа што тој ден, на забавата по нивната претстава би слушале само нивна музика и да има само нивна традиционална кујна. Но тој сон, треба да го досонуваме до наредна година.
ТРH: Како е да се биде дел од Скомрахи?
Моника и Бојана: Инспиративно, мамурно, напорно, ненаспано, со еден збор – екстатично.
ТРH: Што носи иднината?
Моника и Бојана: Нешто што веќе сигурно е случено во антиката, само облечено во костим од своето време.