Студентските средби Скомрахи на Факултетот за драмски ументости (ФДУ) и годинава ги обединија во Скопје студентите од повеќе европски драмски и филмски академии. Под мотото „Дионизија сега“, тие својата креативност, идеи и енергија ги ја престават од 1-ви до 5-ти ноември во повеќе простори во градот – Академската сцена на ФДУ, Драмскиот театар, Албанскиот Театар, Младинскиот културен центар и Котур Кафе и Филм. Публиката ќе има единствена можност да види театарски претстави и филмови на студенти од Украина, Белгија, Швајцарија, Словенија, Романија, Бугарија, Чешка заедно со студентите на ФДУ.
За годинешното издание на Скомрахи разговаравме со Мартина Даниловска, студентка од 4та година на актерска игра и Мартина Петреска, студентка од 4та година на продукција.
Трн: Што носи Скомрахи во овогодинешната негова инкарнација?
Мартина и Мартина: Покрај дружбата, претстави, филмови, изложби, Скомрахи ни носи нова енергија, баш затоа што ние како студенти имавме прилика да дадеме свој придонес максимално и токму таа слобода, мотивација и ангажман сакаме да ја пренесеме и на нашите гости и публика.
Трн: Од каде сè доаѓаат милите гости?Мартина и Мартина: Годинава имаме гости од Белгија, Украина, Словенија, Швајцарија, Романија и Холандија.
Трн: Дионизија сега! Темата навестува субверзивност, ослободување, пркос… Колку програмата ја отсликува темата која сте си ја задале оваа година?
Мартина и Мартина: Се потрудивме програмата годинава да се одразува што повеќе на темата, па вклучивме перформанси, филмови, изложби кои имаат доза на контроверзност, кои поставуваат некакви прашања и кои се полни со живост и енергија.
Трн: Скомрахи оваа година го третира и јавниот простор, градот како сцена. Колку ова издание на Скомрахи му посветува внимание на дизјанот, сценографијата и отворањето нови простори за театарска игра?
Мартина и Мартина: Токму тоа го акцентираме преку изложбата во соработка со Архитектонскиот факултет и преку интерактивната пешачка тура што ја нарековме „патека на солидарноста“. Сакаме да ја освестиме публиката за просторите околу нас, колку се тие јавни и наши, дали можат да бидат театарски… Сакаме на публиката да ѝ дадеме една поинаква перспектива на градот.
Трн: Оваа година блиску соработувате со Europe House, колку сте задоволни од соработката и на кое ниво се одвива таа?
Мартина и Мартина: Europe House Скопје се отворени за секаква соработка со студенти, особено иницијативи кои тргнуваат од самите нив. Соработката се одвива одлично, нѐ поддржаа финансиски и помагаат гласот на Скомрахи да стигне до својата таргет публика.
Трн: Скомрахи ќе се одвива на неколку локации, секоја од нив си носи свои предизвици, како се снаоѓате со нив?
Мартина и Мартина: Соработката со луѓето од тие места доста ги олеснува предизвидиците, па се радуваме што се согласуваат малку и да прошетаме со нашите Скомрахи.
Трн: Секој ден на фестивалот завршува со журка. Дали, всушност тогаш почнуваат Баханалиите?
Мартина и Мартина: Во позадината на тоа што го гледа публиката како програма која може да ја посети има многу труд. Деновите се со густ распоред за да може да се испорачаат претставите, перформансите и сѐ друго планирано, па целиот тој организиран хаос бара и оддишка. Музичката програма ни го нуди баш тоа.