Стегач за лице од Skims се распродаде за една минута – го проба и Ентони Хопкинс

Ким Кардашијан повторно ја разбранува индустријата за убавина со својот најнов производ – Skims Face Wrap, стегач за лице кој наводно ја дефинира вилицата и ги затега образите додека спиете. И покрај мешаните реакции и бројните шеги на негова сметка, производот по цена од 62 евра се распродаде за помалку од една минута по лансирањето.

Она што дополнително привлече внимание е тоа што легендарниот актер Ентони Хопкинс – човекот зад ликот на Ханибал Лектор – го проба производот и на социјалните мрежи се пошегува со неговиот изглед, споредувајќи го со култната филмска маска.

Во видео објавено на неговиот Instagram профил, 87-годишниот Хопкинс го носи Skims стегачот за лице во боја на глина, затегнат околу неговата вилица, врат и уши. Веднаш се пошегува со препознатливиот глас на Лектор, велејќи дека се чувствува „десет години помлад“ и додавајќи во описот: „Ти благодарам, Ким. Не плаши се да дојдеш на вечера.“ Фановите го препознаа саркастичниот повик како директна алузија на култната реплика од филмот “The Silence of the Lambs”.

Видеото на Хопкинс брзо стана вирално и беше споделено и од самата Ким Кардашијан. Многумина на социјалните мрежи коментираа дека ова е „најдобрата бесплатна реклама што Skims некогаш ја добил“. Со неговото вклучување, производот доби ново внимание, овојпат со доза хумор, самосвест и носталгија кон еден од најзапаметените филмски ликови во историјата.

Иако многумина го исмеваат изгледот на Skims Face Wrap, според официјалниот вебсајт на брендот, станува збор за функционален производ изработен од специјална еластична и обликувачка ткаенина, обогатена со колагенски влакна. Стегачот е дизајниран за удобно носење преку ден или ноќ, благодарение на прилагодливите чичак траки што се поставуваат на темето и задниот дел од вратот.

Тврдењата на брендот се дека редовното користење на овој додаток помага во зацврстување на контурите на лицето, поддршка на вилицата и визуелно подмладување на изгледот. Производот е дел од новата линија Seamless Sculpt на Skims, која има за цел да го прошири фокусот на брендот од телото – кон лицето.

Реакциите на јавноста, како и обично кога е во прашање Ким Кардашијан, се поделени. Некои го нарекуваат генијален маркетинг потег, додека други го исмеваат како уште еден „инфлуенсерски трик“ без реална функционалност. Но, едно е јасно – маската на Skims не само што го привлече вниманието на публиката, туку го натера и Оскаровецот Ентони Хопкинс да се пошегува на своја сметка.

Во време кога убавината и технологијата сè повеќе се испреплетуваат, а социјалните мрежи играат клучна улога во популаризацијата на нови производи, еден краток видео-клип од 87-годишна филмска икона можеби има поголема тежина од стотици платени реклами. Секако, кога иронично го поврзуваш Лектор со Ким Кардашијан, вниманието е загарантирано.

Без оглед на тоа дали ќе има реален ефект или не, стегачот за лице од Skims веќе го најави следниот тренд во негата на кожата – онаму каде што сонот, технологијата и културните референци се сретнуваат. И сето тоа – за една минута.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни