По десет години работа, квалификувани истражувачи ширум светот ќе имаат пристап до овие слики – вклучувајќи срце, мозок, абдомен, зглобови и коскен систем – собрани од анонимни волонтери, заедно со нивната медицинска историја, генетски информации и податоци за здравствената состојба и начинот на живот.
Дел од овие снимки, веќе искористени од страна на „UK Biobank“ – која го следи здравјето на половина милион луѓе во Велика Британија – помогнале да се потврди поврзаноста меѓу срцевите нарушувања и психијатриските болести, како и дека со скенирање може да се предвидат десетици болести. Исто така, резултатите укажуваат дека не постои количина алкохол што е безбедна за човековото здравје.
„Истражувачите сега имаат неверојатен увид во човечкото тело. За првпат можеме со прецизност да го следиме процесот на стареење и развојот на болести во невидени размери,“ изјави д-р Наоми Ален, научничка од UK Biobank. „Се надеваме дека овие податоци ќе го променат начинот на кој светот ги открива и лекува болестите – дури и пред да се појават симптомите.“
Секој волонтер има направено по 12.000 снимки, кои откриваат детаљи за големината, формата и структурата на мозокот, срцето, органите и коските, како и густината на коските и распределбата на маснотиите. Со ултразвук се анализирале и каротидните артерии во вратот за евентуални стеснувања кои го зголемуваат ризикот од мозочен удар.
Професорот Пол Метјуз, невронаучник од „Империјал колеџ Лондон“ и еден од водечките истражувачи во проектот, вели дека скенирањата се толку прецизни што можат да детектираат ризик од деменција преку суптилни промени кои досега биле недостапни за современата медицина. Промените во големината на мозокот се сведуваат на волумен колку една лажица вода – но се значајни за предвидување на когнитивен пад.
Снимките веќе се користат за тестирање во рамки на Националната здравствена служба на Обединетото Кралство (NHS).
Истражувањата потврдиле и штетноста на алкохолот. Само една до две чаши дневно може да предизвикаат забележливи промени во структурата на мозокот, што може да води кон деменција и губење на меморија. „За жал, не постои количина алкохол што е сосема безбедна – дури ни едно чаша вино дневно не е корисна за мозокот,“ предупредува Метјуз.
Професорката Патриша Манро од Универзитетот Квин Мери во Лондон, која работи на генетиката на срцевата функција и структура, вели дека новите снимки овозможуваат да се следи како срцето отчукува и кога почнуваат аномалии. Ова ѝ овозможува да ги идентификува гените поврзани со срцевите болести.
Истражувачите откриле и дека индексот на телесна маса (BMI) не е секогаш доволен показател за здравствен ризик. Имено, две лица со ист BMI можат да имаат драстично различна распределба на маснотиите – што влијае на ризикот од дијабетес и срцеви заболувања.
Во моментов се врши ново скенирање на 60.000 од истите волонтери, за да се утврди како со текот на времето се менуваат телото, мозокот и коските. Професорката Луиз Томас од Универзитетот во Вестминстер, која ги анализира снимките направени во временски интервал од две години, вели дека резултатите се „шокантни“ – особено зголемувањето на внатрешната (висцерална) маст во абдоменот, но и тоа што мускулите почнуваат да се заситуваат со маснотии.
Еден од нејзините колеги веќе ја автоматизирал детекцијата на аневризми – потенцијално смртоносни проширувања на ѕидовите на крвните садови. Иако мажите редовно се тестираат за оваа состојба, жените не се – иако аневризмите кај нив се поризични и потешки за лекување.
„Сега можеме да направиме работи кои претходно беа невозможни. Тоа е навистина извонредно,“ заклучува професорката Томас.