Скајп оди во историја: Како згасна некогаш најпопуларната платформа?

Според многумина, Microsoft – кој го купи Скајп во 2011 година за 8,5 милијарди долари – намерно го остави на маргините за да го засили растот на својата деловна платформа Teams. Во услови на пандемија, кога дигиталната комуникација стана суштинска, конкуренти како Zoom и Slack целосно го засенија Скајп

Скајп, првата масовно користена апликација што им овозможи на луѓето да воспоставуваат видео повици преку интернет, засекогаш ќе биде исклучена на 5 мај 2025 година, по повеќе од 20 години постоење. Оваа некогаш револуционерна платформа ја означи дигиталната транзиција од класичната телефонија кон интернет-комуникацијата.

Кога се појави во 2003 година, со препознатливото светлосино лого, Скајп на милиони луѓе им овозможи бесплатни аудио и видео повици со блиски, без оглед на оддалеченоста. Со своите препознатливи звуци на повик и крај на разговор, Скајп стана дел од многу значајни моменти – интервјуа, семејни разговори, љубовни врски и разделби.

Но, платформата полека почна да паѓа од врвот. Според многумина, Microsoft – кој го купи Скајп во 2011 година за 8,5 милијарди долари – намерно го остави на маргините за да го засили растот на својата деловна платформа Teams. Во услови на пандемија, кога дигиталната комуникација стана суштинска, конкуренти како Zoom и Slack целосно го засенија Скајп. Дополнително, платформата никогаш не се прилагоди доволно добро на мобилната ера.

Скајп е основан од данецот Јанус Фрис и швеѓанецот Никлас Зенстром. Прво беше продаден на eBay во 2006 година за 2,6 милијарди долари. Подоцна, контролата ја презеде група инвестициски фондови, сè додека Microsoft не го презеде во 2011 година. Во тоа време, Скајп имаше 150 милиони активни корисници месечно и над 663 милиони регистрирани.

Своевремено, Скајп стана толку влијателен што името стана глагол – да „скaјпаш“ некого. Но, денес, Microsoft објави дека платформата дефинитивно се гаси и дека преостанатите корисници ќе бидат префрлени на Teams.

Иако технолошкиот свет оди напред, за многумина Скајп ќе остане симбол на едно дигитално време кога интернетот почна да ги руши бариерите меѓу луѓето. За тие што го користеле во златните години, само звукот на повикот доволен е да предизвика бран носталгија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни