Скандинавските банди регрутираат деца како „торпеда“ за мафијата

Малолетници од Шведска, Данска и Германија се ангажираат за тешки кривични дела.

Феноменот на криминални групи кои регрутираат деца и малолетници за извршување тешки кривични дела брзо се шири низ Скандинавија. Данската полиција алармира дека десетици млади лица – некои стари само 12 години – биле ангажирани како извршители на вооружени напади по наредба на организирани криминални групи. Моделот потекнува од Шведска, каде што бандите во последниве години користат малолетници како начин да избегнат полициски прогон и построги казни.

Еден од најпознатите случаи е 16-годишниот Ноа од северна Шведска. Тој преку TikTok влегол во шифрирана апликација за пораки каде што видел оглас за „платен убиец“ за „работа“ во Данска. Иако никогаш не бил поврзан со криминал, од љубопитност одговорил на огласот.

Наскоро бил испратен во Копенхаген, а по слетувањето се сретнал со непознат маж кој му предал неколку банкноти. Потоа жена во црн BMW му дала пиштол. Единствената инструкција што ја добил од непознатите профили била: „Пукај во секого што ќе излезе од клубот, но не во жени и деца.“

Ноа се упатил кон адресата во квартот Брeндби, каде што се наоѓа просторија на мотоклубот „Команчес“, познат по врските со организираниот криминал. Чекал долго, но никој не излегувал. Кога добил порака да пука во прозорците и дека ќе добие 10.000 евра награда, решил да го прекине контактот. Вратил се во аеродромот и сам ја повикал полицијата.

Прво не му верувале – сѐ додека не го покажал пиштолот.

Како започна феноменот?

Според данските и шведските инспектори, моделот е развиен во Шведска, каде што бандите користат млади луѓе за да извршат напади врз ривалските групи. Наместо самите да пукаат или да поставуваат експлозиви, криминалците им даваат задачи на тинејџери кои немаат кривична историја.

Ваквите извршители добиваат десетици илјади евра по задача. Поради нивната возраст, судовите често изрекуваат поблаги казни – што го прави моделот уште поатрактивен за организаторите.

Поради ова, Шведска веќе покрена иницијатива да ја намали возраста за кривична одговорност од 15 на 13 години. Данското правосудство, пак, на случајот на Ноа гледало со најголема сериозност: тој е осуден на шест и пол години затвор и трајна забрана за престој во Данска.

Колку е распространет проблемот?

Според податоците на данската полиција, над 120 лица од почетокот на 2024 година извршиле или се обиделе да извршат тешки кривични дела по наредба на мафијата. Меѓу нив има 47 малолетници и многу млади лица, а најмладиот извршител имал само 12 години.

„Ова го сфаќаме многу сериозно. Соработуваме со соседните држави за да спречиме млади луѓе да влегуваат во Данска со цел да извршат кривични дела,“ изјавил полицискиот инспектор Торбен Сварер за данскиот јавен сервис DR.

Во криминалните кругови малолетните извршители се нарекуваат „торпеда“, бидејќи, еднаш кога ќе тргнат на задача, тешко е да бидат запрени. Полицијата во Копенхаген затоа се обидува да ги идентификува уште пред да го извршат делото.

Како се препознаваат „торпедата“?

Полицијата добива информации директно од шведските служби, а потоа ги пренесува на уличните патроли. Индикациите најчесто се суптилни: тинејџери кои возат електрични тротинети и избегнуваат полициски возила, млади кои во лето носат зимски јакни, како и вознемирено однесување во близина на криминални подрачја

Многу од младите доаѓаат од семејства со тешка социоекономска состојба, каде насилството и зависностите се дел од секојдневието. Полицијата предупредува дека многумина дури не знаат да ракуваат со оружје, па криминалците им треба да им покажат како да го наполнат пиштолот.

Главниот инспектор Пол Кјелдсен објаснува: „Но мора да нагласам: сите тие многу добро знаат во што се впуштаат. Согласно законот, тие се извршители на кривични дела, дури и ако биле искористени од криминалците што ги ангажирале.“

Модел што тешко се запира

Повеќето „торпеда“ се млади Швеѓани, но се појавуваат и деца од Данска, Норвешка и Германија. Иако шведските банди сè уште доминираат, данската полиција предупредува дека и локалните нaрко-групи се многу активни.

Регрутирањето речиси секогаш започнува на интернет – преку псевдоними на социјални мрежи, игри, криптирани форуми и апликации. Скандинавските истражители ретко успеваат да се инфилтрираат во овие канали, а кога ќе го сторат тоа, единствен начин да спречат напад е да се претстават како потенцијален извршител и да го одложат задачата.

Проблемот е што вистинските организатори речиси никогаш не се во Европа. Данската полиција открила дека во последните месеци нивните отисоци водат до Мароко, ОАЕ, Ирак и Либан.

„Додека постои побарувачка, ќе постојат и оние што ќе бидат подготвени да извршат вакви дела,“ вели инспектор Сварер. „Нашата клучна задача е да ги откриеме нарачателите кои ги влечат конците.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни