Во студијата спроведена за Фондацијата Минхен во 34 развиени земји ширум светот од страна на Институтот за германска економија (IW) во Келн, петте земји на врвот во однос на тоа како жителите ја перцепираат праведноста во општествените односи се Норвешка, Шведска, Данска, Исланд и Финска.
Понудените прашања се однесуваа на шест главни категории: правда во задоволувањето на основните потреби, без оглед на приходот, праведност во распределбата на приходот и обврските, генерациска правда, еднаквост на сите граѓани пред законот и еднакви права и можности за сите.
Научниците од IW го составија индексот во овие шест категории користејќи 43 индивидуални индикатори.
Индексот на правда беше дефиниран и со помош на предложените одговори дека едно општество е праведно „ако истите правила и права важат за сите“, ако „сите луѓе, без оглед на нивното потекло, имаат исти можности за образование, работа и распределба“, или дека правдата постои „ако државата се грижи за најслабите и оние на кои им е потребна помош“.

Студијата, која беше спроведена со помош на статистички податоци од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) и европската статистичка служба Евростат, исто така постави прашање дали истите правила важат за сите граѓани. На пример, во Германија беше покажано дека луѓето имаат најголема одбивност кон непотизмот и државната самоволност.
Правичната распределба на општественото богатство, како што покажа анкетата, имаше помала тежина за мнозинството испитаници. Одговорот што им беше понуден беше дека „општеството е праведно кога приходите и имотот се распределуваат што е можно порамномерно“.
Меѓутоа, одговорот дека „општеството е праведно кога луѓето кои напорно работат на своите работни места заработуваат повеќе од другите“ наиде на многу поголема согласност.
Швеѓаните и Германците имаа слична оценка во мислењето дека „социјалната и економската структура им нуди на многу луѓе висок квалитет на живот, и покрај постојните разлики во богатството“.

Во истражувањето, по скандинавските земји, земјите од Бенелукс, како и Нов Зеланд, се на врвот на листата. Потоа следуваат Германија, Австрија и Швајцарија. На 13-то и 14-то место се Чешка и Словенија, а потоа следат Франција, Португалија, Австралија, Унгарија, Велика Британија и други земји.
САД се рангираат на 30-то место на индексот кој покажува како жителите ја перцепираат правдата и еднаквоста во нивната земја, по што следат Италија, Грција, Романија и Турција.