Скандалот со злоупотреби на деца може да биде пресуден удар за власта на Орбан

Покрај бројните обвинувања за злоупотреба на власта, унгарската влада на премиерот Виктор Орбан се соочува со сериозен скандал поврзан со системско злоставување деца во државните домови.
Фото: European People's Party, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Како што пренесува Дојче веле, критичарите посочуваат дека дополнителен проблем е обидот на надлежните институции со години да ги прикријат вистинските размери на проблемот.

По објавувањето на податоците за злоупотреби во државните установи за деца и млади, во саботата во Будимпешта на протест излегоа повеќе од 50.000 граѓани, барајќи оставка од премиерот Орбан. Демонстрантите извикуваа пораки како „Орбан, оди си!“, а протестот го организираше опозицискиот лидер Петер Маѓар, претседател на партијата Тиса, која според анкетите има водство пред парламентарните избори најавени за пролет. Маѓар ја предводеше протестната поворка со транспарент „Да ги заштитиме децата“.

„Во нормални околности, по ваков случај ќе паднеше цела влада“, изјави за АФП 16-годишниот демонстрант Давид Козак. „Проблемот за нив не е злоставувањето, туку тоа што случаите излегоа во јавност“, додаде тој, алудирајќи на владејачките структури.

Злоставувано секое петто дете под државна грижа

Орбан тврди дека заштитата на децата е меѓу највисоките приоритети на неговата политика уште од враќањето на власт во 2010 година. Сепак, последните години неговата влада ја следат серија скандали поврзани со злоупотреби на малолетници во системот на државна грижа.

Извештај на унгарската влада од 2021 година, кој партијата Тиса го објави во петокот, укажува на широко распространето злоставување во детските домови. Во документот се наведуваат околу 3.000 сомнителни случаи, што претставува повеќе од една петтина од сите малолетници згрижени од државата. Министерството за внатрешни работи соопшти дека извештајот во 2022 година бил доставен до надлежните институции „за поддршка на нивната работа“.

Според податоците, повеќе од 320 деца биле жртви на сексуално насилство, а 77 претрпеле физичко злоставување. Вработени во установите предупредувале дека полицијата и обвинителството често ги прекинувале истрагите без поднесување обвиненија, најчесто со образложение за „недостаток на докази“.

Последна капка што ја прелева чашата?

Дополнителен шок за јавноста предизвика и неодамна откриен случај на насилство во малолетнички затвор во Будимпешта. На снимка од надзорна камера се гледа како директорот на установата удира дете со нога во главата. Четворица вработени беа приведени на почетокот на неделата, а владата нареди сите вакви институции да бидат ставени под полициски надзор.

Претходно беа уапсени уште тројца вработени, меѓу кои и поранешен директор осомничен за организирање ланец на проституција. Најновиот скандал многумина во Унгарија го доживуваат како пресвртна точка што може да има силни политички последици во пресрет на клучните избори следната година.

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни