Скандал во Будимпешта, 414 Роми под сомнителни околности впишани во избирачки список

Сомнежи за масовна изборна измама во Будимпешта откако биле злоупотребени податоци на стотици Роми за упис во избирачки список.

Унгарската Национална изборна канцеларија потврди дека во Будимпешта бил регистриран обид за масовна изборна измама, во која биле злоупотребени личните податоци на повеќе од 400 припадници на ромската заедница. Станува збор за 18. округ во главниот град, каде под сомнителни околности бил направен обид 414 лица да бидат пријавени во посебниот избирачки список за национални малцинства.

Според информациите што ги потврдила изборната канцеларија за унгарскиот весник Népszava, локалната изборна канцеларија на 24 март 2026 поднела пријава против непознат сторител поради сомнежи за фалсификување јавни документи и можно кривично дело против изборниот поредок. Сомнежите се појавиле откако биле забележани спорни потписи на голем број барања за упис во ромскиот малцински избирачки список, поднесени преку овластен агент.

Случајот повторно го отвори прашањето за начинот на кој функционира системот за претставување на националните малцинства во Унгарија. За да гласа за малцинска листа, избирачот претходно мора да се регистрира како припадник на одредено национално малцинство. Со тоа го губи правото да гласа за партиски листи, но и натаму може да гласа за директен кандидат во својата изборна единица.

Овој систем им дава одредени олеснувања на малцинските листи во споредба со политичките партии. Додека за партиите важи цензус од 5 проценти на национално ниво, за малцинските листи е доволна значително пониска, т.н. преференцијална квота. Според Népszava, на ромската заедница ѝ се потребни повеќе од 20.000 важечки гласови за да добие свој полноправен претставник во парламентот.

Според локалните медиуми, за изборите на 12 април во ромскиот малцински избирачки список се регистрирани 47.427 лица, од вкупно 228.472 Роми што живеат во Унгарија. Носител на ромската малцинска листа е Иштван Аба-Хорват, претседател на Националната ромска самоуправа.

Случајот доаѓа во чувствителен предизборен момент и отвора нови сомнежи за можни злоупотреби во системот што треба да обезбеди политичко претставување на малцинствата, а не нивно инструментализирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни