Скандал во Собранието го отвори прашањето: што навистина е Истанбулската конвенција и какви обврски има Македонија?

Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција во 2017 година, а таа стапи во сила во земјата во 2018 година. Со тоа, државата се обврза да го усогласи националното законодавство со нејзините одредби и редовно да поднесува извештаи до ГРЕВИО – експертското тело на Советот на Европа кое ја следи примената.
феминизам

Јавниот настап на кандидатката за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Џихан Ахмед, при кој таа не покажа основно познавање на Истанбулската конвенција и наместо за нејзината содржина зборуваше за историскиот контекст на Истанбул и периодот на Ататурк, повторно го отвори прашањето за значењето на овој меѓународен документ и за институционалната одговорност на државата во неговата примена.

Реакцијата на Мрежата за заштита од дискриминација беше остра: кандидатка која треба да одлучува за еднаквост, родова рамноправност и заштита од дискриминација, не го познава клучниот меѓународен инструмент за спречување на родово базирано насилство. Според Мрежата, ова отвора сериозни сомнежи за стручноста, но и за капацитетот на институциите да ги спроведуваат преземените меѓународни обврски.

Кога и зошто е донесена Истанбулската конвенција

Истанбулската конвенција, официјално наречена Конвенција на Советот на Европа за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство, е усвоена во 2011 година во Истанбул, а стапи во сила во 2014 година. Таа е првиот правно обврзувачки меѓународен документ кој системски се занимава со родово базираното насилство.

Конвенцијата се темели на четири столба: превенција на насилството, заштита на жртвите, гонење на сторителите и координирани политики. Таа бара од државите да воспостават специјализирани сервиси за жртвите, како што се безбедни куќи, СОС линии, психолошка и правна помош, но и да обезбедат обуки за полицијата, обвинителите и судиите.

Колку земји ја имаат ратификувано – и кои се повлекоа

Досега, Истанбулската конвенција е потпишана од 45 држави, а ратификувана од 38. Поголемиот дел од земјите-членки на Европската Унија се дел од Конвенцијата, вклучително Германија, Франција, Италија, Шпанија и Шведска.

Турција, како земја домаќин на усвојувањето, во 2021 година се повлече од Конвенцијата, со политичко образложение дека таа наводно ги нарушува „традиционалните вредности“. Полска и Унгарија не се повлекоа формално, но ја блокираат или ограничуваат нејзината примена. Овие примери често се користат во јавните дебати, иако тие не ја менуваат правната обврска на земјите кои ја имаат ратификувано.

Каде е Македонија во овој процес

Македонија ја ратификуваше Истанбулската конвенција во 2017 година, а таа стапи во сила во земјата во 2018 година. Со тоа, државата се обврза да го усогласи националното законодавство со нејзините одредби и редовно да поднесува извештаи до ГРЕВИО – експертското тело на Советот на Европа кое ја следи примената.

Според официјалните податоци, во последните години е забележан пораст на пријавени случаи на семејно и родово базирано насилство. Само во 2023 година биле регистрирани над 1.200 пријави за семејно насилство, при што жените се жртви во над 80 проценти од случаите. Овие бројки, според експертите, не значат нужно повеќе насилство, туку поголема видливост и охрабрување за пријавување.

Зошто незнаењето не е банална грешка

Во тој контекст, настапот на кандидатка за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, која не ги познава основните механизми на Истанбулската конвенција, не е само комуникациски гаф, туку индикатор за подлабок проблем, сметат експертите. Комисијата има клучна улога во постапување по случаи на дискриминација, вклучително и врз основа на пол и род, што директно ја поврзува со примената на Конвенцијата.

Дополнителни реакции предизвика и нејзината јавна благодарност за „назначување“ пред формалната одлука на Собранието, што, според правници и организации, фрла сенка врз независноста на процесот и отвора сомнежи за партиско влијание.

Случајот уште еднаш покажа дека Истанбулската конвенција не е апстрактен меѓународен документ, туку жива обврска. Нејзината примена зависи од институции во кои треба да седат луѓе што не само што ја поддржуваат, туку и ја разбираат, поимски, правно и практично.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни