Скандал во германскиот парламент: откриен нацистички симбол на тајно гласање

Во парламентот на германската сојузна покраина Баден-Виртемберг е откриен нацистички симбол — познатиот Hakenkreuz, или кукаст крст — на едно од гласачките ливчиња за време на тајно гласање, јави Fenix Magazin.

Инцидентот предизвика шок и згрозеност кај пратениците и отвори прашања за безбедноста и етичките стандарди на парламентарните процедури.

Станува збор за гласање за претставници во таканаречениот Oberrheinrat — меѓурегионален совет кој ги обединува политичките претставници од германските, француските и швајцарските региони. Поради природата на тајното гласање, не е познато кој го исцртал забранетиот симбол.

„Срам за парламентот“

Претседателката на покраинскиот парламент (Landtag), Мухтерем Арас од Зелените, остро го осуди настанот. „Ова е под секое ниво. Ова е срам за овој парламент“, изјави таа, нагласувајќи дека се работи за кривично дело, бидејќи ваквите симболи се уставно забранети во Германија.

Арас додаде дека, поради тајноста на гласањето, не е можно да се открие сторителот.

Десничарската партија Алтернатива за Германија (AfD), која имаше свои кандидати на гласањето, веднаш се огради од инцидентот. „Најостро ја отфрламе секоја поврзаност со овој чин“, изјави пратеникот на AfD, Мигел Клаус. Тој ја обвини Арас за „сугестивна импликација“ дека неговата партија има врска со настанот.

Од редовите на Социјалдемократската партија (SPD) реакцијата беше уште поостра. Парламентарниот секретар Саша Биндер изјави: „Кој и да го направил ова, не е достоен за ова место и веднаш треба да го врати мандатот. Ова е апсолутно одвратно.“

Извор: Index.hr

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни