Сите студентски филмови се луди, некои не се доволно: Мартина Петреска за ХАЈ-ФАЈ фестивалот
Од вчеравечер до 1 јуни, Факултетот за драмски уметности повторно пулсира во ритамот на студентски филм, разговори и музика. Второто издание на фестивалот „ХАЈ-ФАЈ“ – меѓународна платформа создадена од студенти за студенти – започна со настанот „Meet the new kids“ на Академската сцена, каде публиката имаше шанса да се запознае со новата генерација филмаџии. Фестивалот официјално беше отворен со проекција на култниот филм „ХАЈ-ФАЈ“ на Владимир Блажевски, на отворено кино поставено на паркингот помеѓу ФДУ и Машински/ФЕИТ.
Во сабота и недела (31 мај и 1 јуни), Академската сцена ќе биде домаќин на официјалната филмска програма, која опфаќа седум студентски кратки филмови – два македонски и пет од Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. По проекциите ќе следат разговори со авторите, како и дискусија со филмскиот критичар и писател Златко Ѓелески.
Во рамките на едукативната програма, студентите ќе присуствуваат на две предавања:
„Casting 101“ со актерките Наташа Петровиќ и Сара Климоска
„Раскажување приказни“ со режисерот Ѓорче Ставрески
ОФФ музичката програма започна вчера, во петок со настап на TURBO XXX CLUB, додека саботната вечер ја затвора диџеј сетот на Александар Гроздановски – HERZEL. Настаните ќе се одржат во бифето на ФДУ.
Влезот за сите проекции, предавања и музички настани е бесплатен. Целосната програма е достапна на социјалните мрежи на „ХАЈ-ФАЈ“ и Академска сцена.
„Пробај – никогаш не знаеш што ќе се случи“ е главната порака на фестивалот, кој воглавном се одржува „на мускули“.
Мартина Петреска, организаторката на фестивалот, вели дека името на фестивалот не е случајно:
Мартина Петреска
„Доаѓа од истоимениот филм ‘ХАЈ-ФАЈ’ на мојот драг професор Владимир Блажевски. Заедно со Тина Величковиќ, сфативме дека ни треба платформа преку која студентите од филмските оддели ќе можат да се промовираат и учат – надвор од она што го нуди формалното образование.“
На прашањето дали фестивалот е бунт против „лоу-бџет“ реалноста или чист ентузијазам, таа одговара:
„Пораката е ‘Пробај – никогаш не знаеш што ќе се случи’. Фестивалот е проект на мускули. ФДУ како институција не игра голема улога во реализацијата, но студентите самите ја создаваат својата културна реалност.“
Фестивал од студенти за студенти – дали е ова уметничка утопија или најреалното нешто што му се случило на ФДУ?
Замислуваме утопија и пробуваме да ја реализираме. Занимавање со култура во Македонија е предизвик сам по себе, но и многу благородна работа. Бидејќи секогаш создаваш нешто (било тоа филм, претстава, настан, фестивал) околу кое понатаму градиш заедница. Факултетот (со исклучок на поедници) не игра голема улога околу нашата иницијатива. Ова е проект „на мускули“, вели Мартина.
Иако добиле и некои „луди“ предлози за програмата, Мартина вели:
„Сите студентски филмови се луди. Некои не се доволно. Годинава немаме филмови од цел регион, но Балканот си подава камера многу долги години. Верувам и дека ќе продолжи, особено гледајќи ја мојата генерација од околните држави.“
На крај, ја прашавме дали проекцијата на паркингот може да се нарече новиот Cannes:
„Па Кан е на море. Ова е паметно користење на јавен простор – нешто што и Машински и ФЕИТ колегите веќе го прават.“
Тина Величковиќ
„Не е важно да е совршено, важно е да е храбро“, потенцира режисерката Тина Величковиќ.
Таа вели дека организацијата на фестивалот е искуство што не се учи во амфитеатар:
„Организацијата е нешто што секој млад филмаџија треба да го искуси уште за време на студии. ХАЈ-ФАЈ го дава токму тоа – прво искуство во реална продукција.“
Најмногу ја трогнуваат „храбри“ студентски филмови:
„Филмови што не одат по очекуваниот пат, туку ја исполнуваат задачата на свој начин. Не мора да бидат технички совршени, но мора да имаат душа.“
За тоа дали студентските филмови денес носат заеднички глас, вели:
„Јас сум дел од таа генерација. Но, чувствувам дека сите сме свесни за (не)условите во кои работиме, и покрај тоа – сакаме да снимаме. Имаме храброст.“