Сите што имаат уметнички жар, мора да се занимаваат со уметност

Во последните години, театарот постојано се преиспитува и прилагодува на новите времиња, но едно е јасно – тој останува клучен медиум за критика, саморефлексија и промена. Во интервју со двајца истакнати членови на ансамблот на Македонскиот народен театар, Александaр Микиќ и Нина Деан, тие ги споделија своите размислувања за улогата на театарот во општеството, значењето на летните сцени за еден театар и околу тоа каква порака театарот пренесува на младите луѓе.

„Не постои друга работа што би ме исполнила толку. Театарот е многу важен дел од мојот живот, тоа за мене е вид терапија,“ вели Нина Деан. Таа истакнува дека за театарот да има вистинско влијание, мора да се пренесува релевантна порака, особено за младата публика. „Ако немаме порака што е релевантна за младите и не се поврзат со нас, тогаш се попусто правиме и зборуваме на сцена.

Од друга страна, Александaр Микиќ со страст зборува за своите почетоци и љубовта кон театарот, која се родила уште во средношколските денови. „Театарот ми се виде како најпогодното место каде што можам да го менувам светот. Тоа ми беше целта тогаш, и така и се заразив со театарот,“ споделува тој. „Театарот може да претставува многу работи, но најчесто е огледало на општеството и на животот,“ додава Микиќ.

Еден од клучните аспекти што ги истакнуваат двајцата актери е концептот на летните сцени, што според нив е извонредна можност за продолжување на театарската сезона и во летните месеци, кога театарот обично „замира“. „Летната сцена е целосно различно доживување – од акустика до атмосфера. Сите тие летни сцени даваат продолжен век на театарот, и мислам дека треба да ги има,“ вели Микиќ.

Носталгијата по нивниот починат колега, Славиша, кој има посебно место во нивните срца, е силно присутна. Нина и Александaр изразуваат голема благодарност што летната сцена е именувана по него, што ќе го овековечи неговото име и придонес за театарот. „Фали неговото присуство, на сцена, во срце. Гестот на именување на летната сцена е навистина многу добар и на тој начин неговото име ќе остане уште долго да се споменува,“ заклучуваат тие.

Театарот, и покрај сите промени, останува важен дел од културниот живот, а со вакви актери како Микиќ и Деан, неговата мисија да рефлектира и поттикнува промени продолжува да биде жива.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни