Сите патници и екипажот преживеаја во авионска несреќа на аеродромот во Торонто

„Нашиот авион се сруши. Превртен е наопаку.“

Ова беа првите зборови на Џон Нелсон, патник на летот на Delta Air Lines, кој се сруши и се преврте при слетувањето на меѓународниот аеродром Торонто Пирсон.

Сите 80 лица кои биле на летот од Минеаполис – 76 патници и четири члена на екипажот – преживеале, изјави извршниот директор на аеродромот.

Осумнаесет патници се повредени. Локалните парамедици соопштија дека тројца – дете, маж во шеесеттите години и жена во четириесеттите – се здобиле со потешки повреди, но официјалните лица наведоа дека нема критично повредени.

„Повеќето луѓе изгледа се добро. Сите излегуваме“, рече Нелсон во видео објавено на Facebook веднаш по несреќата.

Во изјава за CNN, тој објасни дека немало никакви знаци на проблеми пред слетувањето.

„Се лизгавме на страна, а потоа се превртевме на грб“, рече Нелсон, додавајќи дека „од левата страна на авионот се појави огромна огнена топка“.

Исто како Нелсон, и Ешли Зук веднаш се обрати на социјалните мрежи, снимајќи се додека вели: „Штотуку доживеав авионска несреќа. О, Боже!“

„Висевме наопаку како лилјаци“

Патниците останале заглавени на плафонот на кабината, откако авионот се превртел.

„Висевме наопаку како лилјаци“, изјави Питер Куков, исто така патник на летот, за CNN.

„Во еден момент се подготвуваш да ги видиш твоите блиски, а во следниот момент физички си наопаку“, додаде друг патник, Пит Карлсон, за CBC.

Нелсон изјави дека успеал да го откопча појасот и да се турне до подот.

„Некои луѓе висија и им требаше помош, додека други успеаја сами да се симнат“, рече тој.

Карлсон додаде дека патниците брзо се организирале како тим.

„Сите веднаш станавме блиски – како да си помогнеме и како да се утешиме еден со друг“, објасни тој.

Видео-снимки на социјалните мрежи покажуваат како луѓето излегуваат од превртениот авион, додека противпожарните екипи го прскаат со пена.

Аеродромскиот персонал им помагал на патниците да излезат низ вратите, по што дел од нив трчале подалеку од авионот.

„Не знаевме дека има несреќа“

Иако авион се превртел на пистата, Дајан Пери дознала за несреќата дури кога нејзиното семејство ја повикало додека чекала во ред за да го предаде багажот.

„Иронично е што бевме на аеродромот, а не знаевме дека надвор има несреќа“, изјави таа за BBC.

Причината за несреќата сè уште не е позната. Две писти ќе останат затворени неколку дена додека трае истрагата, а на патниците им е препорачано да очекуваат доцнења.

Нелсон сè уште ги обработува случувањата, изјавувајќи за CNN дека е „под стрес, нервозен и потресен“.

„Неверојатно е што сме живи“, додаде тој.

Тоа чувство го сподели и Карлсон, кој со рана на главата рече: „Навистина е чудо што сме живи.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни