Сите напади врз новинари на едно место: МВР го објави официјалниот регистар

МВР ја објави официјалната база на напади врз новинари со детали за секој случај, локација и статус на пријавите

Министерството за внатрешни работи (МВР) објави официјален регистар на напади врз новинари, кој е достапен преку нивната веб-страница. Линкот води до страницата на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), каде што детално се прикажани случаи на повреди на правата на новинарите. Регистарот ги содржи информации за видот на нападот, локацијата каде се случил, статусот на пријавата и текот на постапката.

„Безбедноста на новинарите е еден од главните приоритети на Министерството за внатрешни работи. Во изминативе години интензивно работиме на подобрување на ова поле, а резултатите се јасно видливи. Воспоставена е и контакт-точка која значително ја забрза и ја подобри ефикасноста на расчистување на случаите поврзани со новинарите. Министерството и понатаму во соработка со ЗНМ продолжува со оваа посветена работа“, велат од МВР.

Исто така, во тек е формирање на Национален комитет за заштита на новинари — мултиинституционално тело кое ќе ги обедини владини и невладини организации поврзани со новинарската заедница. По завршување на процесот, една од главните задачи на комитетот ќе биде донесување на Национален акциски план за заштита на новинарите. Овој процес се спроведува во рамки на кампањата „Safety of Journalists“ на Советот на Европа, во координација со националната контакт точка.

Од МВР истакнуваат дека координацијата помеѓу полицијата, обвинителството и новинарските организации е на високо ниво, што значително помага во брзо и ефикасно решавање на случаите кои се однесуваат на напади врз новинари.

„Со цел понатамошно подобрување, оваа соработка ќе се продлабочи и во иднина, со цел секој случај на напад врз медиумски работник да биде брзо и ефикасно расчистен. Во духот на мотото „Секогаш може подобро“, полицијата, обвинителството и новинарските организации ќе ги зајакнат своите меѓусебни односи“, додаваат од Министерството.

Министерството за внатрешни работи апелира до сите новинари доколку се соочат со закани, вербални или физички напади, или било каков притисок, веднаш да ги пријават случаите. МВР е обврзано да ги санкционира сторителите и да го заштити правото на јавноста за слободно информирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни