Елизабета Божиноска, програмска директорка во “Хера”

Сите можеме да придонесеме кон градење општество во кое секој ќе го постигне својот максимален потенцијал

Наспроти инсистирањето дека мажите и жените се еднакви, стојат фактите и бројките од Државниот завод за статистика кои упатуваат токму на спротивното. А тие покажуваат дека во земјава во изминатите 4 години се случиле дури 19 фемициди. Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, само во периодот меѓу 2017 и 2020 година се регистрирани 22 убиства на жени. Во повеќето случаи убиството го извршил сегашен, поранешен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница, а во над 80 % од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата.

Сето ова е причина за разговор со Елизабета Божиноска од Невладината организација “Хера” кои со години работат на разбивање на стереотипите кои владеа во државава и на помош и едукација на жртвите на насилство.

ТРН: Зошто и по толку години и работа на полето на правата на жените, не можеме да ги победиме родовите стереотипи?

Елизабета: Најкраткиот одговор би бил дека, како општество, во голема мера не сме свесни што се родови стереотипи ниту каков ефект имаат врз секој од нас. Секојдневието ни е преплавено со нееднаквост и насилство, вредности на поделба и разгневување на населението во општеството – и сето тоа го игнорираме. Ваквата состојба им го отежнува животот на многу девојки и жени во нашата држава. За неполна година, сведоци сме на случаи на до смрт претепано двегодишно дете од татко во Кичево, на до смрт избодена жена од поранешен партнер во Кочани, на случајот кога мајка во селото Тополница си го одзеде животот поради долгогодишното насилство од сопругот… Поларизацијата и нееднаквостите се плодна почва за насилство, па многу често, под превезот на заштита на семејството и децата се заштитуваат токму насилниците и оние кои се одговорни за убиствата на жените – дури 19 фемициди во изминатите 4 години. Наспроти инсистирањето дека мажите и жените се еднакви стојат фактите и бројките од Државниот завод за статистика кои упатуваат токму на спротивното. Жените во Северна Македонија извршуваат над 70 % од вкупната неплатена работа поврзана со грижа (грижа за деца, стари лица, деца со попреченост во семејството), додека придонесот на мажите едвај надминува една четвртина. Или пластично кажано, а ова е нешто што секоја жена од искуство го знае: жените трошат 18 пати повеќе време за миење садови, 12 пати повеќе време за чистење, 9 пати повеќе време за готвење и 3 пати повеќе време за грижа околу децата. Ова не се бројки од пред 50 или 100 години, туку од современата денешница.Е сега, ова не влијае само на квалитетот на живот на жените во земјава – влијае на квалитетот на живот на нашите деца и на целата економија. Фрапантни 45 % од работоспособните жени во земјата ниту се вработени ниту бараат работа, а повеќе од половината од нив на бараат работа поради семејни обврски. Ова го намалува потенцијалот кој го имаме во државата, негативно влијае на БДП, односно како општество имаме помалку пари за градинки, здравство, социјална заштита, патишта, паркови, дневни центри итн. Ова влијае на сите нас. Дополнително, важно е да се напоменe дека невработеноста на жените води кон економска зависност. Праксата покажува дека во случај на насилство, токму економската зависност од мажот е една од причините поради кои жената не може да излезе од кругот на насилството. Кон ова во голема мера придонесува и традицијата на наследување имот, која како наследници и натаму ги препознава главно мажите. Податоците велат дека во земјава околу 72 % од имотите им припаѓаат на мажите, а само околу 28 % од жените се сопственички на имот. Во руралните средини ситуацијата е уште полоша – таму носителки на сопственички права се само 5 %, и тоа обично откако ќе станат вдовици. Сите последици што веќе ги спомнав произлегуваат токму од нееднаквата позиција на жената во општеството. За ова да се промени ни требааат јасни политики кои до некаде и ги имаме, но уште повеќе ни треба нивно практикување и реално спроведување. Според закон и Устав никој не ѝ пречи на жената да се кандидира за претседателка, ниту на мажот да работи како воспитувач во градинка, но не е случајно што во пракса работите се толку различни и што моќта на одлучување е главно кај мажите. Ако навистина тежнееме кон општество што ќе биде еднакво и правично за сите, а со тоа и здраво и просперитетно, мора да увидиме зошто дури и кога имаме еднакви можности за сите – немаме суштинска еднаквост!
Конечно, воспитувањето и социјализацијата, односно семејството и заедницата ја имаат клучната улога во обликувањето и пренесувањето на вредностите што ги носиме низ животот. Затоа имаме одговорност и како родители и како професионалци да го прекинеме овој поларизаторски, дискриминаторски и насилен наратив што го има во етерот. Од нас зависи какви ќе бидат идните генерации. Секој ден гледаме на вести дека млади од 16 години истепале друго дете од 16 години, во Косово последно соученици го убија својот другар. Не може да се чудиме што ова ни се случува кога на секој чекор го осудуваме и дискриминираме различниот од нас, кога дома насилството се нормализира или толерира. Треба да се погледнеме себе пред со прст да покажуваме на другите.

ТРН: Дали сме ние насилно општество и зошто?

Елизабета: Стапката на семејно и родово засновано насилство отсекогаш била загрижувачка, но во последниве години, овој проблем како конечно да стана прашање од јавен интерес, иако за жал, како последица на бројни случаи на фемицид и на сериозно непостапување на институциите во заштитата на девојките и жените кои претрпеле насилство. Сепак бројот на пријавени е два пати помал од европскиот просек, бидејќи уште жените сè уште не веруваат во системот. Што значи бројката што ја гледаме е најмалку два пати поголема.

Според Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, само во периодот меѓу 2017 и 2020 години се регистрирани 22 убиства на жени. Во повеќето случаи убиството го извршил сегашен, поранешен или вонбрачен партнер со кого жртвата живеела во заедница, а во над 80 % од случаите, убиството се случило или во заедничкиот дом или, доколку биле разделени, во домот на жртвата. Од друга страна, не смееме да заборавиме дека многу поголем број на случаи остануваат несанкционирани од институциите. Случајот „Јавна соба“, по којшто следуваа уште неколку во други градови низ земјава, даде јасна слика за состојбата кога станува збор за свесноста за дигиталната безбедност, за формите во кои може да се појави насилството, за немањето системски капацитет да се препознае, соодветно да се постапува и санкционира насилното однесување. Конечно, по кој знае кој пат овој случај ни покажа и дека доминира погрешното сфаќање дека за насилното однесување одговорна е жртвата, што покажува дека ни е насушно потребна едукација. Ние веруваме дека за насилство, за емоции, за социјални и емотивни релации, за љубов, за грижа, за здравје треба да се учи и во училиште. Дали сме свесни дека во вакво тензично општество, каде што сите брзаме и сме под постојан притисок на социјалните мрежи, децата се изложени на негативни  примери и влијанија и неточни информации? Родителите не зборуваат со нив, во училиште никој не зборува за ова – сеопфатно сексуално образование сè уште нема – што е совршен рецепт да добиеме неинформирани, заведени деца кои не знаат на што да се потпрат. Училиштето мора да биде релевантен извор на информации и знаења, но и на вештини за животот – колку и да бегаме, решението е да се воведе сеопфатното сексуално образование во формалното и задолжителното образование. Традиционалните вредности никој не ги оспорува. Секој може да го воспитува своето дете како мисли најдобро, но сите имаме обврска да го заштитиме секое дете од насилство, од злоупотреба, од заведување и неточни и измислени информации. Нашите деца мора да веруваат во наука и докази, а не во теории на заговор и гатачки.

ТРН: Постои ли начин да се спречи родовно заснованото и семејното насилство воопшто?

Елизабета: Мораме здружено и континуирано да дејствуваме како заедница вклучувајќи ги институциите (здравство, полиција, образовни институции, социјални институции, судови), граѓанските организации, медиумите и секој од нас поединечно како граѓанин. Проблемот е комплексен и затоа таков мора да биде и одговорот. Подеднакво важен дел во системот за спречувањето на насилството е и работата со сторителите на насилство – аспект што сè уште не е доволно препознаен од системот. Првиот семеен центар (ПСЦ) со кој ХЕРА раководи веќе десет години е првото специјализирано советувалиште во земјава кое обезбедува бесплатна, доверлива и сеопфатна стручна поддршка не само за преживеаните (жртвите), туку и за сторителите на насилство. Низ годините од прва рака увидуваме дека ваквиот пристап го спречува повторувањето на насилството, но и им помага на самите сторители на насилство да увидат дека нивното однесување е само нивна одговорност, зошто е неприфатливо и кои се причините за таквото однесување, со што на долг рок го менуваат насилното однесување. Преку ваква програма учат како да се справат и да ги решат конфликтите на поинаков начин, што е особено важно ако се знае дека некои од нив како деца научиле конфликтите да ги решаваат само на насилен и агресивен начин. Во училиште никој не зборувал на темава, ниту ја сметал за релевантна (секако немале сеопфатно сексуално образование), дома може и да гледале таков модел на насилно однесување, па преку програмата во ПСЦ за првпат го освестуваат тоа.

Кај мажите сторители кај коишто се менува однесувањето на подобро, навистина постои процес на учење, самозапознавање и надминување на насилното однесување. Секако, не може кај секого да се направат промени, но барем кај младите е многу значајно навреме да се започне со ваквите едукации и информирања за да превенираме фемициди и насилство. Затоа, за прв пат во 2024 година, отвораме Центар за работа со момчиња и мажи каде што ќе работиме на нивно поактивно вклучување во спречувањето на насилството врз жените, но и на намалување на насилното однесување и повторување на делото кај сторителите на насилството и престапниците на сексуална злоупотреба во иднина. Австриските искуства во работењето и водењето сервиси за помош и поддршка на мажи потврдуваат дека мажите имаат потреба од помош и поддршка поврзани не само со насилното однесување, туку и со работните односи, изолацијата, односите со партнерот/-ката, татковството, користењето на лекови/зависност, агресивноста и сексуалноста. Уште поважно, имаат потреба да слушнат и научат дека е нормално и тие да имаат проблеми и дека е важно да ја побараат и да ја добијат неопходната помош и поддршка кога им е потребна.

ТРН: Верувате ли дека нè чека подобро утре?

Елизабета: Се разбира. Насилство и нееднаквости имало и ќе има, исто како што отсекогаш имало и луѓе и заедници кои го кревале гласот против неправдата. Исто така верувам дека сите ние може да придонесеме кон градење општество во кое секој поединец ќе го постигне својот максимален потенцијал. И на тоа треба да ги поттикнуваме и нашите деца.

Најново

Последни колумни