Светски ден за превенција на самоубиства

Сите може да играме улога во намалувањето на бројот на самоубиства

Светскиот ден за превенција на самоубиствата се одбележува секој 10 септември, а одбележувањето има цел да ја подигне свеста и да ја намали стигмата околу самоубиствата, како и да поттикне активности, засновани на докази, со цел намалување на бројот на самоубиства ширум светот.

Самоубиството е голем јавноздравствен проблем со далекусежни општествени, емоцинални и економски последици. Се проценува дека има повеќе од 700.000 самоубиства годишно ширум светот, а секое самоубиство длабоко погодува многу повеќе луѓе. Самоубиството останува критично глобално прашање што ги засега поединците и заедниците ширум светот.

Еден од 100 смртни случаи во светот е резултат на самоубиство. Самоубиството може да влијае на секој од нас. Секое самоубиство е поразително и има големо влијание врз оние околу нив.

Меѓутоа, со подигање на свеста, намалување на стигмата околу самоубиството и поттикнување активности засновани на докази, можеме да ги намалиме самоубиствата ширум светот. Светскиот ден за превенција од самоубиства е можност да се подигне свеста за самоубиството и да се промовира акција преку докажани пристапи кои ќе го намалат бројот на самоубиства и обиди за самоубиство на глобално ниво.

Промена на наративот за самоубиство има цел да ги инспирира поединците, заедниците, организациите и владите да се вклучат во отворени и искрени дискусии за самоубиството. Со започнување на овие витални разговори, можеме да ги срушиме бариерите, да ја подигнеме свеста и да создадеме подобри култури на разбирање и поддршка, се вели на веб-страницата на Специјалната болница за психијатриски болести „Ковин“.

Преку одредени активности можете да го направите тој мал придонес и разлика која некому може да му биде одлучувачка во најтемните моменти – како член на општеството, како дете, како родител, како пријател, како колега или како сосед.

Сите ние можеме да имаме улога во поддршката на оние кои се соочуваат со самоубиствена криза или оние кои се ужалени од самоубиство.

Факторите и причините кои доведуваат до самоубиство се многубројни и комплицирани. Ниту еден пристап не функционира подеднакво добро за сите.

Фото: wirestock/Freepik

Она што го знаеме е дека постојат одредени фактори и животни настани кои можат да направат некого почувствителен на самоубиство, а состојбите на менталното здравје, како што се анксиозноста и депресијата, исто така можат да придонесат.

Луѓето кои имаат самоубиствени мисли може да се доживеат себеси како заробени или како товар за своите пријатели, семејство и оние околу нив, и затоа се чувствуваат како да се сами и немаат други опции.

Со создавање надеж преку акција на заедницата, можеме да им сигнализираме на луѓето кои имаат самоубиствени мисли дека има надеж, дека се грижиме и дека сакаме да ги поддржиме.

Можете да помогнете и да им дадете надеж на сите со тоа што ќе покажете дека се грижите. Сите ние имаме улога во спречувањето на самоубиствата, без разлика колку таа е голема или мала. Можеби никогаш нема да знаеме на кого и колку сме помогнале и што ја прави таа разлика помеѓу улогите.

Сите можеме да дојдеме и да прашаме некој што знаеме како се чувствува и дали има проблем. Не мора да имате решенија или да кажувате некому што да прави, туку едноставно одвојувањето време и простор за да слушате некого за неговите проблеми или самоубиствени мисли може да му помогне.

Кратките разговори можат да спасат животи и да создадат чувство на блискост и надеж кај некој кој можеби се бори.

Промената на наративот за самоубиството преку промовирање надеж може да создаде посочувствително општество каде оние на кои им е потребна помош се чувствуваат поудобно да ја побараат. Сите можеме да направиме нешто за да живееме во свет каде што самоубиството е препознаено и сите можеме да направиме нешто за да го спречиме.

Искуствата и приказните на луѓето кои доживеале самоубиство во блиско опкружување може да бидат исклучително моќни во помагањето на другите подобро да го разберат самоубиството, како и во охрабрувањето на луѓето да изберат да поддржат некого и поединци да бараат помош самите.

Многу е важно лицето кое ја раскажува својата животна приказна за обид за самоубиство да знае како да го направи тоа на начин кој е безбеден за себе, но и за тие кои го слушаат.

Личните приказни за индивидуални искуства на значителна емоционална вознемиреност, самоубиствени мисли или обиди и искуства за закрепнување можат да им дадат надеж на другите дека иако минуваат низ периоди на неволја или криза, постои решение.

Фото: Freepik

Поединците кои споделуваат искуства од сопствената тага за самоубиство со нивната непосредна околина и како ја живеат својата „нова нормалност“ можат да им помогнат на другите кои доживеале самоубиствена загуба да ги разберат последиците од самоубиството и да веруваат дека ќе можат да се справат со загубата.

Ризикот од самоубиствено однесување може значително да се намали ако се грижиме еден за друг.

Ако некој во нашата средина размислува за самоубиство, ова може да бидат предупредувачки знаци:

– повлекување во себе и избегнување комуникација со другите

– презентирање планови за самоубиство

– завршување на работата и обврските, „помирување на сметките“

– постојана грижа за сегашноста и недостаток на перспектива

– изразување чувства на изолација, осаменост и недоразбирање

– чувство на личен неуспех, бескорисност и губење на самодовербата

– постојано враќање на проблемите за кои нема решенија или се надвор од контрола

– губење на основната животна филозофија, вера или вредносен систем

– промена на животните навики и дневната рутина

– презентација на тези за бесмисленоста на животот

– често плачење, депресија и нагли промени на расположението

– склоност кон ризично однесување

– незаинтересираност за лична хигиена и физички изглед

– губење на интерес за работи кои порано им претставувале задоволство

На личноста која размислува за самоубиство првенствено треба да му се понуди поддршка. Треба да бидете внимателен слушател кој се обидува да разбере низ што поминува личноста и како се чувствува.

Ова бара многу топлина, трпение и охрабрување, бидејќи започнувањето разговор на оваа тема понекогаш е непријатно и тешко. Ако некое лице ви каже дека размислува за самоубиство, сфатете го сериозно. Не обидувајте се да го „расположите“ или да го утешите со омаловажување на проблемот („ќе го преболите“, „не е толку лошо“).

Во моменти на криза, на човекот му е тешко да ги согледа сите можности за решавање на тековните проблеми и алтернативни решенија. Меѓутоа, тоа тешко внатрешно чувство дека нема друг излез освен самоубиството не е секогаш подеднакво интензивно.

Особено е важно човекот да има со кого да разговара кога тоа чувство на безнадежност станува неподносливо. Тоа секако може да бидат блиски луѓе од околината, но и волонтерски и стручни служби кои се занимаваат со тоа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни