Сите имаме одговорност за сигурната патека на детскиот живот

Славица Несторовска Дамјанска е одделенски наставник во целодневна настава и една од поуспешните и попосветени просветни работници. За неа денешниот ден, 1 јуни, Меѓународен ден за заштита на децата е особено важен затоа што е во функција на подигање на свесноста за правата на децата. Таа смета дека секој наставник мора неуморно да работи на едукација на децата и покрај задолжителниот материјал што го предаваат на школските часови, да не пропуштаат можноста на децата да им пренесат и дополнително знаење за да им поттикнат навики и вештини кои понатаму ќе им бидат важни во животот.

„Овој ден треба да биде секој ден, односно на децата да им се посветува внимание и време секојдневно, само на тој начин тие ќе останат на сигурната патека во животот“.- смета наставничката Несторовска Дамјанска.

Инаку, овој ден на децата се одбележува уште од 1925 година кога претставници од различни земји се состанале во Женева, Швајцарија за да ја свикаат првата „Светска конференција за благосостојба на децата“.

Оттогаш наваму постојано се апелира за заштита на правата на децата. Во Македонија тие права се остваруваат согласно Конвенцијата за правата на детето на Обединетите Нации и домашната законска регулатива.

Со воведувањето на Меѓународниот ден на детето, земјите-членки на ООН ги признаа децата, без оглед на расата, бојата, полот, верата и националното или социјалното потекло, како и нивното право на приврзаност, љубов, разбирање, соодветна храна, медицинска нега, бесплатно образование, заштита од сите форми на експлоатација и растење во атмосфера на универзален мир и братство.

Одбележување на Денот на децата всушност подразбира давање право на децата да уживаат и да пораснат во здрави и образовани граѓани.  Децата се нашата иднина. Секој од нас мора да придонесе за заштита на децата и обезбедување среќно и безгрижно детство. Децата денес ќе бидат возрасни граѓани утре. Секој од нас ја носи одговорноста да негува силно, здраво и интелектуално детство.

Во тој правец на едукација и заштита на децата придонесуваат и лекарите педијатри кои со своите совети им помагаат на семејствата како да го заштитат здравјето на своите деца, еден од клучните фактори за раст и развој.

Љубинка Дамјановиќ, специјалист педијатар од Заводот за ментално здравје за деца и млади истакнува дека е привилегирана што има можност да работи со деца и да биде безрезервна поддрршка на родителите во процесот на воспитување и одржување на здравјето кај децата.

Во чест на денот Министерството за култура, организира бесплатна претстава за деца со училиштето за театар „Од игра до претстава”. Претставата „Волшебникот од Оз“ ќе се одржи на 1 јуни, четврток, со почеток од 18:00 часот, на „Школка” во Градскиот парк.

„Во чест на Меѓународниот ден на детето, упатуваме отворена покана до сите семејства, деца, институции за грижа на децата, како и до љубителите на културата. Ве очекуваме да ни се придружите заедно да го одбележиме овој значаен ден, да бидеме на европската мапа преку магијата на театарот. Продукцијата ветува дека ќе биде незаборавен настан како за децата така и за родителите”, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Покрај оваа активност денеска многу институции го одбележуваат овој ден со различни активности. Во предучилишните установи се организираат приредби и работилници со фокус на вниманието на детето, во училишните установи се организираат едукативни работилници за децата да научат дека имаат свои права и дека никој не смее да им ги прекрши. Во Зоолошката градина во Скопје гости ќе бидат деца од згрижувачките семејства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни